Монументалното дело „Заробеништво“ на македонски јазик

Во издание на „Артконект“ од Скопје, излезе од печат книгата „Заробеништво“ од унгарскиот писател Ѓерѓ Шпиро. „Монументално дело пронижано со историски детали и изградено врз возбудлив и интригантен заплет. Сосема оправдано, важи важи за едно од најважните дела во современата европска литература.“ – напиша „Вол стрит џурнал“.

Во првиот век од новата ера, токму во периодот кога се одвива распнувањето на Исус Христос, еден млад Евреин по име Ури ќе се најде вплеткан во низа неочекувани настани кои ќе го променат текот на историјата на неговиот народ. Иако Ури е болезлив и се интересира само за книги, ќе биде принуден да го напушти својот дом во Рим и да тргне на патување во Ерусалим и во Александрија, кое целосно ќе го пресврти неговиот живот.
Заробеништво е вешт спој од историски и авантуристички роман кој во детали го отсликува времето во кое се одвива дејството, но исто така одлично ги доловува психолошките длабочини на главниот лик. Историските ликови и случувања се извонредно преплетени со фикцијата, што сведочи за вештината на авторот да ја употреби имагинацијата за да им додели на фактите комплексност и нови толкувања.

„Неверојатно е како фасцинантноста на историските ликови во книгата (како Калигула, Понтиј Пилат или Исус) е еднаква на онаа на ликовите што се измислени. Ѓерѓ Шпиро маестрално гради уникатен поглед кон бурната историја преку очите на неговиот скромен, обичен, секојдневен јунак.“
Паблишерс викли

Ѓерѓ Шпиро (1946, Будимпешта) е современ унгарски писател. По студиите по славистика, почнува да работи како новинар, а подоцна станува професор по книжевност на универзитетот во Будимпешта. Кариерата како писател ја започнува со неколку драмски текстови кои се поставени на сцената на повеќе унгарски театри и со кои Шпиро постигнува голем успех.
Покрај драми, Ѓерѓ Шпиро пишува поезија, есеи и проза, а за своите дела е наградуван со повеќе меѓународни книжевни признанија. Особено значајни се романите на Шпиро, од кои како најуспешен се издвојува романот Заробеништво (2005) кој е преведен на десетина јазици.

Златко Панзов (1979) дипломирал на групата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје. Магистрирал на Институтот за македонска литература, Скопје. Работи како Лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија, Универзитет „ЕЛТЕ“, Будимпешта.

Досега, самостојно или заедно со Анамарија Цинеге-Панзова, објавил над триесет преводи од унгарски јазик за повеќе издавачки куќи во Македонија. Превел дела од Бела Хамваш, Петер Надаш, Шандор Мараи, Ѓерѓ Конрад, Деже Костолањи, Ласло Краснахоркаи, Атила Бартиш, Река Ман-Вархеѓи и др.
Заедно со Анамарија Цинеге-Панзова ја приредиле и превеле антологијата на унгарскиот краток расказ „Сецирање на живо“. Од 2019 ја организира манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“. Живее во Унгарија.

Сподели