Судбината на заменските наставници: Талкачи до конечната цел – работа на неопределно време

Сè уште немам постојано работно место, но не се откажувам, ќе продолжам да се борам, вели Лилјана Долгоска од Скопје, наставничка по англиски јазик

За просветниот работник секој почеток е несигурен и предизвикувачки, без оглед на работниот стаж. Сè уште немам постојано работно место, но не се откажувам, ќе продолжам да се борам, вели Лилјана Долгоска од Скопје, наставничка по англиски јазик.

Таа веќе шест години создава нови и нови почетоци. Ангажманите траат пократко или подолго, а единствената извесна работа е дека секогаш завршуваат. Таков е животот на заменските наставници – да создаваат врски со колективот, со колегите наставници и најважно од сè, сo учениците. Да ја стекнат нивната доверба, да изградат авторитет и да им пренесат знаење. И за кратко време да ги раскинат овие врски…

Долгоска дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје пролетта во 2018 година. Истата година се вработила првпат како професорка по англиски јазик во средното медицинско училушта „Панче Караѓозов“ во Скопје. Веќе имала работно искуство како хонорарен професор по приватни училишта во Скопје и во чешка компанија за продажба и организација на настани и обуки низ Европа и светот.

– Верувам дека придонесов со стручната и воспитната дејност во Средното медицинско училиште. Следната година во јануари ми беше раскинат договорот и бев известена по телефонски пат дека работниот стаж ми е прекинат во време на корона вирус кога сите просветни работници макотрпно се трудевме во домашни услови да ги завршуваме секојдневните обврски – ја почнува Долгоска својата приказна.

Следното работно место било заменик-професор во Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. И овој работниот стаж изнесувал една учебна година, бидејќи била примена како замена за професорка на породилно отсуство. Во истото училиште го положила и својот приправнички стаж, но со враќањето на професорката на своето работно место повторно се нашла на крстопат.

Третиот работен ангажман бил со основци во училиштето „Невена Георгиева-Дуња“ во Општина Кисела Вода.

– Повторно успеав да се вработам како заменик-наставник по англиски јазик, за колешка на породилно отсуство. Во ова училиште за првпат во мојата кариера имав можност да бидам класен/одделенски раководител на прекрасна паралелка од 22 седмоодделенци со кои имам исклучително убави, а воедно и предизвикувачки моменти кои завршија со одлични резултати на професионално, но и приватно и интимно ниво – вели Долгоска.

Кога ù завршил заменскиот стаж и во ова училиште единствена можност ù останале јавните огласи. За неполн месец аплицирала на 8 јавни огласи кои објавени во дневните весници и добила шанса да полага македонски јазик и кирилско за позиција во школото „Јохан Хајнрих Песталоци“.

– По не знам кој пат го полагав истпитит, го положив тестот и ги задоволував условите за работа. По интервју со директорот на училиштето успеав да се вработам повторно на определено време како заменик-наставник по англиски јазик за место на колешка која е на породилно отсуство – објаснува Долгоска.

Таа вели дека секој почеток е несигурен и предизвикувачки како за просветниот работник, така и за учениците. Во однос на минатите времиња, денес почитта е значително намалена, а дозволени се и одредени законски пречки за дејствување. Во однос на работата досега имала два таканаречени непристојни моменти кои со помош на стручната служба завршиле со позитивен исход.

– Јас сум сè уште млад професор кој си ја сака работата и не се откажува од позивот и профилот кој го одбрал да го работи, но сметам дека на учениците им е значително потешко. Секој колега има свој принцип и метод на работа, презентација, евалуација и вреднување. Секој ученик, пак, има свои претходно стекнати вештини и начини на работа кои со секоја смена на наставникот/професорот треба да го прилагодува. Отворената комуникација денес е на високо ниво со просветните работници, за разлика од онаа што мојата генерација и генерациите пред нас ја имале. Сè уште сум во контакт со многу мои ученици од средните училишта, и со оние во основните – вели Долгоска.

Поред неа, платите во образовниот систем се посебна дискусија за која треба подолго да се води расправа. Со растење на работниот стаж се пресметува и платата, но не треба да се заборава дека за успесите на наставниците, ментори кои учествуваат на проекти и тековно подготвување на свои ученици на натпревари, наставничкиот кадар не добива никаков дополнителен надомест.

– Секој успех е сведен на усна пофалба и мотивирање за поголем успех. Најдобриот надомест за трудот и посветеноста е радоста кај ученикот за постигнатиот успех, прегратката и задоволството дека трудот се исплатил – вели таа.

Како заменски наставник во однос на платата единствената разлика која е законски определена е онаа на почетокот кога наставникот-приправник не го има положено приправничкиот испит. Со положување на стручниот испит наставникот, ментор ја добива целосната плата, а доколку е одделенки/класен раководител добива дополнителна симболична сума.

Универзитетеската диплома за професионалното познавање на англискиот јазик нуди можности за многу различни професии. Долгоска ги користи своите вештини и како хонорарен преведувач и наставник во приватните училишта како Bronco и Piccadilly каде сè уште држи приватни часови. Пред да ја започне кариерата во просветата била Senior sales person во TBM – чешка компанија за продажба и организација на настани и обуки низ Европа и светот.

Лилјана Долгоска со своите ученици

– Приватно сум многу мотивирана за успех и сум трпелива личност. Свесна сум како одат вработувањаta во државните институции и знам дека треба да го одам подолгиот и потешкиот пат, но ништо не е невозможно. Можеби многу наскоро некој колега/колешка ќе го заврши работниот стаж во Скопје во некое од основните или средните училишта и ќе аплицирам секако повторно овојпат за неопределено време. Една топла препорака до сите идни колеги од просвета и образование – да не се откажуваат без борба. Таа е многу индивидуална за секого. Имам пријатели кои смениле едно работно место и успеале да останат на следното. Најважно е да го сакате она што го работите. Предизвици има секој ден со децата во основно и младите средношколци. Може да биде и стресно, но и навистина забавно и поучно. Тоа е една пинг-понг игра во која најважно е да го вратите назад топчето и да ви го вратат вам назад – завршува Долгоска.

Сподели