Со „Трубадур“, симфонијата на љубовта, одмаздата, судбината, започнуваат Мајските оперски вечери

Фестивалскиот оган од вечерва ќе гори во Националната опера и балет и ќе го осветлува патот на многу оперски уметници, но и на публиката на 52. Мајски оперски вечери. Величествената „Трубадур“ од Џузепе Верди ќе биде првата опера со која фестивалот во 20 часот ќе биде отворен. За прв пат, режисерот Иван Поповски постави опера во Македонија. Отворањето беше многу брзо распродадено, а првата реприза е задутревечер (сабота) во 20 часот.

„Трубадур“ е „симфонија на љубовта, одмаздата и судбината“. Сценографијата е на Миодраг Табачки, костимите на Марија Пупучевска, а кореографијата – на Саша Евтимова. Ќе диригира Енрико Довико (Италија). Во улога на Ацучена ќе настапи Сања Анастасиа (Србија), а на Манрико – Зоран Сотиров.

Сцена од „Валкира“

Иван Поповски е врвен режисер и во последните повеќе од две децении има големи успеси во Русија и низ светот. Ова е негова 11-та опера.
Она што Поповски го инспирира тематски е борбата меѓу највозвишеното и најпримитивното.

– Операта е врв на сценската уметност, а музиката во ова Вердиево дело е генијална и космичка. Театарот пробува да објасни, приближи, да материјализира и да спушти на земја, а музиката лета и е неопиплива. И тоа е судир, тежок спој во кој операта е во опасност да умре уште пред да се роди. Многу ретко се случува двајцата лидери – диригентот и режисерот, да се спојат во хармонија. Во последната деценија главен е режисерот кој не обраќа големо внимание на музиката и тоа е на штета на музиката која во ова дело на Верди – изјави Поповски.

Последен проект што Поповски го работел во Македонија е „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков, на сцената на Македонскиот народен театар во 2015 година. Две години подоцна во Скопје гостуваше со три претстави од театарот на Петар Фоменко, каде што тој ги создаде своите најдобри продукции.

Сценографот Миодраг Табачки ја пофали Операта дека направила се што може сценографијата да биде на ниво за овој фестивал. Табачки ја создаде и сценографијата за „Заспаната убавица“, што ќе биде на програмата на 15 мај.

Куриозитет годинава е гостувањето на Софиската опера и балет со операта „Валкира“ од Рихард Вагнер, закажана за 18 мај. Ќе следуваат: „Тоска“ од Пучини (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, камерната опера „Свадба“ (28 мај) со Словенечки камерен музички театар од Љубљана.

Мајските оперски вечери традиционално завршуваат на 31 мај со изведба на „Аида“, овојпат со солистка од Австрија – Моника Медек и диригентот Нимрод Дејвид Фефер од Израел – диригент во престижната „Метрополитен“ во Њујорк.

Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова.

Сподели