Во ликовите сакавме да опфатиме особини што ги поседуваме сите ние, за клиповите да бидат што поавтентични и гледачите да ги доживуваат полично. Ликовите се инспирирани од реални личности – вели Малзарков
Кога бев мал, кога ќе ни дојдеа гости, јас ги набљудував цело време и само што ќе заминеа, почнував да ги имитирам – вели Дејан Малзарков, актер-аматер кого нема човек во Гевгелија што не го познава. Талентот од детството, умешноста лесно да ги засмејува луѓето веќе пет години ја преточува во хумористични видеа кои достигнуваат и неколку стотици илјади прегледи на фејсбук-страница „Диверзија“. Во тимот се заедно со неговиот другар Димитар Новаков, кој се занимава и со фотографија.

Дејан Малзарков
Откако завршил средно образование во гевгелиската гимназија, Малзарков сакал да студира ликовна уметност. На 18 години почнал да свири на тапани, а љубовта кон глумата се родила кога заедно со Димитар, почнале да ги креираат клиповите. Дејан и Димитар соработуваат веќе десетина години. Некогаш свиреле и заедно во музички бендови, Дејан на тапан, Димитар на гитара.
Името „Диверзија“ е инспирирано од претходен комичен проект на Дејан со уште еден музичар, каде се ја исмејувале метал музиката.
Иницијатор за снимање на првото клипче била мајката на Дејан. Клиповите ги прави на гевгелиски дијалект.
– Сè што се случуваше понатаму е тотално спонтано. Ништо од ова не го планиравме. Едноставно, одејќи по патот, тој сам си го покажа правецот. Клиповите ги правиме на дијалект, зашто така ни дојде најприродно, а и веќе имаме публика од цела Македонија – вели Дејан.
Дејан и Димитар заедно се грижат за сценаријата, монтажата, пласманот. Во видеата дефилираат неколку ликови (Чик Ване, Пецко Иглесијас, Џоче Сатријани, Добрилка Доби Калакурова) од секојдневието, карактерни особини што сите ние ги поседуваме, вели Малзарков.
– Сакавме да опфатиме особини што ги поседуваме сите ние, за клиповите да бидат што поавтентични и гледачите да ги доживуваат полично. Ликовите се инспирирани од реални личности – вели Дејан.

Димитар Новаков
Пандемијата со Ковид-19 ги намали или целосно ги забрани стендап-настапите во живо кои Дејан ги имаше.
– Оваа модерна светска војна направи да заборавиме на претстави и театар некое време, но ни ја зголеми уште повеќе гледаноста на социјалните мрежи, вели тој.
Секое видео е сработено со душа и со многу смеа и љубов, нагласува Дејан.
– Освен хуморот, сите видеа кажуваат порака за сите нас, нормално, кој сака да ги прими пораките – вели Дејан.
На прашањето дали локалните приватни фирми покажуваат желба за соработка, Дејан вели дека како расте успехот на „Диверзија продукција“, така се зголемува и интересот за соработка.
„Диверзија“ е наш начин на живот. Може да се каже дека секој ден ни е стендап-сценарио и постојано ни идат „луди идеи“, некогаш и на места каде што треба да сме сериозни – не одиме на погреби со Дејан, вели Новаков.
– На некој посебен начин сме поврзани со Дејан и може да се каже дека сме како фамилија. Имаме многу сличен хумор и енергија и едноставно сами се редат работите во видеата. Имаме ептен слични оптимистички гледишта на работите околу нас, од секоја наша или нечија ситуација може да направиме смеа и да извлечеме поука. Целта со „Диверзија“ е да си го направиме нашиот и денот на секој што ќе го гледа видеото поубав. Процесот на снимање видеа е, всушност, најзабавниот дел, каде најпрво до солзи се смееме некои 10-15 минути, а тоа ни е показател дека видеото ќе биде успешно – вели Новаков.
Тој додава дека имаат интересен договор уште на почетокот, а тоа е дека ќе бидат видеата снимени со телефон, да изгледа што поаматерски, а самото тоа ги прави уште поприродни настаните и посмешни.
– Обично целиот процес трае неколку дена, а може некој пат и со недели. Се состои од наоѓање идеја, размислување околу идејата, кратење и дотерување на сценариото, одбирање вистински зборови, па снимање во еден или најмногу два дена и монтажа по само еден ден – вели Димитар.





