Во киното „Милениум“ денеска и утре (сабота и недела) од 13 часот се прикажува филмот „Брат ми брка диносауруси“ за најмладата публика, но и за целото семејство. Од 18 часот утре ќе се прикажува и во Кинотеката на Македонија.
Филмот, снимен според бестселерот на Џакомо Мацариол, ја освои наградата за најдобар филм за млада публика на Европската филмска академија во 2020 година. Станува збор за италијанска продукција во режија на Стефано Ципани. Во филмот игра и шпанската актерка Роси де Палма, муза на славниот режисер Педро Алмодовар.

Во него главен лик е Џек, кој отсекогаш посакувал да има помал брат со кого ќе си игра. Но кога Џио ќе се роди, неговите родители ќе му кажат дека неговиот брат е „посебно“ дете. Тогаш Џио станува суперхерој со волшебни моќи во имагинацијата на неговиот поголем брат, како што се суперхероите од стриповите. Со време, Џек ја дознава вистината: неговиот брат има Даунов синдром, и одлучува ова да го чува како тајна. Кога ќе тргне во средно училиште и ќе ја запознае својата прва љубов Аијана, тој го крие постоењето на Џио од неа и од своите нови пријатели. Но, набрзо вистината излегува на виделина и Џек сфаќа дека енергијата и виталноста на Џио се заразни.
Дистрибутер на филмот е „Катавеј“, а дистрибуцијата е помогната од ANICA, италијанското здружение кое ги претставува италијанската филмска и аудиовизуелна мултимедијална индустрија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.