„Синедејс“ го почнаа Педро Алмодовар и Вивиен Ридинг пред 20 години, а продолжи само во Скопје

Само во Скопје продолжи да живее европскиот проект што пред 20 години го почнаа Педро Алмодовар и Вивиен Ридинг како фестивал што се одржува во ист момент во сите европски земји. „Синедејс“ беше насловен проектот чија единствена цел беше да го развива и слави европскиот филм. Традицијата продолжи само во Скопје и годинава ќе го има 20. издание, на отворено, на повеќе локации низ Скопје од 15 до 21 јули.

Богатата програма на „Синедејс“ ја најавија скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, директорот на Младинскиот културен центар (МКЦ), Русе Арсов, координаторот на фестивалот, Маргарита Арсова и програмскиот директор на МКЦ, Филип Николовски.
Шилегов рече дека е горд што го имаме еден од најдобрите филмски фестивали, а потврда за тоа е и акредитацијата од меѓународната асоцијација FLAPF. Тој дополни дека во тек е новата програма „Cinedays загревање – Европско патувачко кино под отворено небо“ – заеднички проект на Делегацијата на ЕУ и МКЦ, со која европските филмови летово се претставуваат во Крива Паланка, Струмица и во Струга.

Според Русе Арсов, пандемијата од ковид-19 и сè што се случуваше лани ги натерало да побараат формати како да продолжат да работат.
– Да не ги откажуваме предвидените културни настани, односно да организираме на отворено. Можеби „Синедејс“ треба да биде летен фестивал – рече Арсов.

Маргарита Арсова, која е 10 години дел од фестивалот и е годинешен координатор нагласи дека годинава имаат одлична програма. Во Гала програмата ќе има филмови што во моментов се прикажуваат на фестивалот во Кан, а ќе бидат и на „Синедејс“.

Филип Николовски најави и голем број на едукативни работилници како дел од фестивалот. Тимови составени од млади луѓе од 15 до 20 години ќе креираат музика за филм, ќе се работат на тема Екологија и климатски промени, ќе креираат филм за 72 часа, а ќе има и богата музичка програма.

 

Сподели