Репрезентативноста е многу важна!

Умно.мк во соработка со Europe House Скопје ја креира рубриката „Надреден знак“ во која интелектуалци од одредена област пишуваат колумна на теми што нè засегаат

Пишува: Алмира Фасљии Муарем, активистка за правата на Ромките

Репрезентативноста е многу важна. Доколку се прашувате зошто, одговорот е едноставен – на сите ни требаат позитивни примери за да нѐ претставуваат во најдоброто можно светло пред другите. Таков пример се државните репрезентации, кои преку врвни спортистки нѐ претставуваат на светско ниво и ја красат нашата татковина со освоените медали.

Репрезентативноста е многу важна. Таков пример се просветните работнички, кои со помош на својата работа им го осветлуваат патот на илјадници ученици, но и голем број од нив да ја изберат професорската работа како пример за нивната идна професија само затоа што овие професори им биле херои додека растеле во училишните клупи.

Репрезентативноста е многу важна. Таков пример се и здравствените работнички, чија професионалност спасува животи и го ублажува трнливиот пат кој го поминуваат пациентите и нивните најблиски. Токму на тој начин голем број млади ученички ја одбираат оваа професија, само затоа што виделе успешен пример.

Репрезентативноста е важна и во сите други професии кои можеби за човечкото око изгледаат како нетипични за да ги работи една жена. Такви примери се професиите кои се поврзани со транспорт, па така може да се пофалиме со жени возачи на автобуси, такси, пилоти… Такви примери се и жените што работат во невладиниот сектор, кои гласно говорот за неправдата со која се соочува одредена заедница или жена. Така гласот за борба за еднаквост се шири во сите сфери на живеење и може да се забележат позитивни промени и наративи кога некој се соочува со дискриминација и неправда.

Кога сме кај дискриминацијата, не може а да не се спомене ромската заедница. Заедница која со години се соочува со голем број проблеми при пристап до основните човекови права. Сите сведочиме за тоа како Општина Шуто Оризари, како најголема општина во која живее ромско население, но и општина во која има голем број жени кои се во репродуктивен период, долги години се соочуваше со недостиг на матичен гинеколог. Па така, во период од 10 години оваа општина подолго време се соочуваше со недостиг на гинеколог отколку што имаше достапни гинеколошки услуги од матичен гинеколог.

Да се биде дел од заедница која претставува малцинство во нашата држава и заедница која сѐ уште има тешкотии при остварување на своите права е голем предизвик, одговорност, но и мотивација за мене. Како млада и амбициозна Ромка, секогаш се стремев за правда и еднаквост во сите полиња за ромската заедница во нашата држава. Патот не секогаш беше лесен, особено кога се соочував со фактот дека ромската заедница сѐ уште нема целосен пристап до образование, домување, вработување, здравство и репродуктивна слобода. Тоа што е мотив за рушење на сите бариери за непречено уживање на основните човекови права и слободи е емпатијата кон сопствениот народ, желбата сите Ромки да бидат еманципирани и информирани за нивното право на образование и вработување, но особено правото да одлучуваат сами за себе и правото за грижа на своето репродуктивно здравје. Токму овој мотив е причина за мојот повеќегодишен активизам за директна работа со самата заедница. Тука морам да го напоменам и моето работно искуство во невладиниот сектор, односно во невладината организација ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, која повеќе од 18 години нуди бесплатни гинеколошки услуги, информации и едукации за ромското население во Општина Шуто Оризари преку Младинскиот центар „Сакам да знам“, а токму преку мојот ангажман се олеснува поврзаноста и пристапот на организацијата со ромската заедница. Најдобар пример за тоа се и искуствата на сите досегашни посетители на нашиот Младински центар, кој многу често претставува мост за градење доверба кон другите граѓани и институции.

Ова е доказ за тоа колку е важно да се има успешен репрезентативен модел насекаде околу нас. На тој начин се гради доверба и се рушат стереотипите и предрасудите, а малцинствата кои со години живеат на маргините на општеството добиваат можност да си ги остваруваат своите права. Исто така, репрезентативноста е важна поради непобедливиот факт дека довербата се гради токму кога ќе се забележи некој што ни е близок. Затоа е важно во сите професии, во сите институции и на сите места каде што се носат одлуки да се има репрезентативен модел за таа проблематика. Затоа што само Ромка може најдобро да ги разбере проблемите со кои се соочува нејзината заедница и токму поради тоа е важно да биде вклучена во процесите на носење одлуки.

Сподели