Почина Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро. Тој беше еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена се само некои од музичките ѕвезди на кои Џаровски им организираше турнеи во тридецениската кариера.

Џаровски беше познат и како „крал на местенките“ во фудбалот, за што многу отворено зборуваше и во јавноста.

Неговата ќерка, новинарката Милица Џаровска минатата година објави биографија за него „Џаро – Живот на коцка“ во издание на ТРИ.

Животот на Велибор Џаровски-Џаро беше патување, песна, игра и љубов. Но играта што ја играше не беше секогаш лесна. Бурниот и немирен темперамент, остриот ум и специфичниот карактер постојано го соочува со најразлични перипетии.

Менаџер во времето кога менаџерството беше непризната професија, човек кој не признава просечност и пораз, незауздан ум кој не се плаши да ги премине границите. Некои луѓе не го познаваат зборот „доволно“. Таков е Џаро, кој останува запаметен како белег на едно време што ќе остане вечно запаметено – исто како и луѓето што го одбележаа.

Сподели