Работникот на иднината мора да има практични вештини за новите технологии

Центарот за нови вештини „SkillsNext“ при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово е место за сите професионалци ангажирани во индустриите, за студенти пред дипломирање кои бараат дополнителна вештина за побрзо вработување

Студенти пред дипломирање кои бараат дополнителна вештина за побрзо вработување, сите професионалци ангажирани во индустриите кои сакаат да се надградуваат во нивниот кариерен пат, фирми кои ги следат новите технологии можат тоа да го сторат во Центарот за нови вештини „SkillsNext“ при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Центарот е отворен во рамките на проектот „Премостување на јазот кај вештини за создавање на нови и подобри работни места“, поддржан од амбасадата на Обединетото Кралство, Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), ФИТР и УНДП. За можностите што ги нуди разговараме со Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП.

Маријана Милевска

Од што беше поттикната идејата да се отвори Центар за нови вештини „SkillsNext“?

– Во изминатата година и половина, УНДП со поддршка на Британска амбасада направи многу анализи и консултации со индустријата, експертската јавност, академијата, за да се најде најдобар модел за едукација на сегашната и иднатата работна сила за новите технологии. Во сцена каде формалното образование ја дава солидната основа, неформалното образование успешно се позиционира, но само за дадени сегменти, се создадоа услови за отворање на еден Центар за нови вештини кој покрај едукацијата, има улога и во ширењето на информациите и знаење за дадени нови технологии.

Кому е наменет Центарот, кој сè ќе може да се пријавува, колку ќе трае обуката, колку чини?

– Центарот е наменет за сите фирми кои ги следат новите технологии, за сите професионалци ангажирани во индустриите кои сакаат да се надградуваат во нивниот кариерен пат, за сите идни професионалци, студенти пред дипломирање кои бараат дополнителна вештина за побрзо вработување. Во моментов има отворени неколку повици за обуки на нови технологии на www.skils4future.mk, и профилите на Facebook и LinkedIn. Времетраењето на обуките е различно. Постојат обуки за базично ниво на пример за 3DDesign во текстил, но истата обука ќе се понуди и на понапредно ниво подоцна. Во моментов обуките кои се нудат се бесплатни, но се разговара за модел каде и учестниците ифирмите ќе партиципираат во иднина, освен во случаи кога сакаме да таргетираме лица со помали можности.

Зошто фокусот е ставен токму на градежништво, текстилна индустрија, обновливи извори на енергија и понатаму земјоделство?

– Градежништво и текстилот креираат скоро 10 отсто од БДП на државата, а кога ние започнувавме со оваа идеја на почетокот на 2020 година, двата сектора креираа нешто помалку од 100.000 работни места. Значи се работи за два исклучително важни сектора за македонската економија. Земјоделството е исто значајна гранка со потенцијал за развој ако соодветно се применат вештините на новите технологии, а иднината во оваа енергетска криза се секако обновливите извори на енергија.

Што ново ќе научат тие што ќе се пријават?

– Пред сè ќе се стекнат со практични вештини за нови технологии. На пример, ќе дизајнираат во специјализиран софтвер парчиња модели во 3 димензии на аватар наместо традиционалниот начин каде значително повеќе време и материјал се троши на дизајн и во просек треба да се сошијат шест примероци пред да се дојде до идеалното парче облека. Во обуките од обновливи извори на енергија, учесниците практично инсталираат фотоволтаични панели на симулација на кров.

Пред отворањето на Центарот спроведовте длабинска анализа на состојбите во овие сектори. Во однос на развојот, каква е моменталната состојба? Што можат новите технологии, а не се користат?

– Анализите ни покажаа дека нашите фирми во текстил и градежништво располагаат со кадар кој е повозрасен и во просек околу 45 години, младите не се многу заинтересирани за карира во овие сектори, и продуктивноста на кадарот во овие традиционални сектори е ниска. Користењето на новите технологии е делумно решение за продуктивноста на нашите компании, но и отвора работни позиции кои се атрактивни за младитe.

Колку кадарот што излегува од формалното образование е подготвен да се носи со новите технологии?

– Формалното образование ја дава базата – техничкото знаење потребно за работа во секторите, но останува јаз за практичните вештини и токму тука се создава можност за обуките кои ги нуди Центарот за нови вештини #SkillsNext.

Работниците во текстилната индустрија се меѓу најобсправената работна сила во земјава. Колку новите вештини ќе му помогнат на еден текстилен работник да си ја подобри својата позиција на пазарот на трудот? Од подобра плата, подобри услови за работа до почитување на неговите работнички права?

– Општ впечаток е дека текстилните работници се обесправена работна сила, но ситуацијата низ годините се подобрува. И токму во овој Центар, отворена се нови, огромни можности токму за оваа индустрија и токму со работникот/чката во центарот на вниманието. Зборуваме за текстилен работник/чка на „новото време“: конкурентени на пазарот на трудот, доквалифукувани со нови вештини потребни за непречен работен процес, дигитално подготвени за усвојувањето на нови практики и модели на работа. Она што Центарот за нови вештини #SkillsNext овозможува е вештини за нови дизајнери со сопствени парчиња облека пласирани на наш и регионален пазар, но и вештини за лица кои можат да работат од далечина за странски клиенти. Една од придобивките на дигитализацијата е дека носи и нови форми на работни места како фриленсери, работа од далечина итн. Но, едно е потребно задложително за сите, а тоа е поседувањето на практични вештини за новите технологии.

Сподели