За жал, по неговата смрт, просторот на правната заштита на македонското културно наследство остана непокриен доволно, вели проф. д-р Даворин Трпески
„Правна заштита на македонското културно наследство (огледи за протекторската свест во постсоцијалистичкиот период)“ е насловот на книгата од правникот и протектолог Јован Ристов која постхумно, деновиве излезе од печат во издание на Македонскиот национален комитет за заштита на културното наследство во опасност „Син штит“. Двојазичното издание на околу 150 страници, на македонски и на англиски јазик е составено од осврт кон делото и работата на Ристов и шест негови трудови што ги изложил на некој од форумите на МНК на „Синиот штит“. Со проф. д-р Даворин Трпески, професор на Институтот за етнологија и антопологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и уредник на книгата разговараме за поводот ова издание да излезе од печат.

Тој објаснува дека книгата е сублимат на дел од активностите на Јован Ристов во МНК на „Синиот штит“, излагања и предавања кои ги одржувал од 2013 до 2018 година. Сите подоцна биле подготвени и за објавување во меѓународното електронско списание на Комитетот, „е-Штит“.
– Во чест на нашиот пријател и колега Јован Ристов ги собравме на едно место и ги објавивме уште еднаш во печатена форма. Книгата ја размислувавме повеќе од една година, но поради пандемијата целиот процес се развлече и конечно излезе од печат во март оваа година. Tрудовите се подредени хронолошки. Потрошивме многу време на насловот на книгата, притоа се навративме да препрочитуваме некои од неговите дела и особено внимание посветувавме на терминологијата што ја користи. Забележавме дека меѓу останатите често се во игра ги става термините „правна заштита“ и „протекторска свест“ и токму врз основа на тие термини го изградивме насловот – објаснува Трпески.
Остави голем опус зад себе
Со оглед на тоа што во шесте публикувани трудови акцентот бил ставен на проблематиките поврзани со независната македонска држава, уредувачкиот тим подлучил да го искористи терминот „постсоцијалистички период“.
– За сè ја консултиравме и неговата сопруга, која се согласи книгата да биде објавена со овој наслов – вели Трпески.
Целиот труд вложен во подготовката на книгата бил без финансиска надокнада. Трпески се заблагодарува на проф. д-р Љупчо Ристески од Институтот за етнологија и антропологија кој ја изработил корицата и на сите што им излегле во пресрет, вклучително и печатницата „Студентски сервис“ од Скопје.
Јован Ристов беше еден од малкутемина во Македонија што се занимаваа со правната заштита на културното наследство. Роден е во 1949 година во с. Дреново, Кавадарци. Во 1972 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје и веднаш се вработил како правен застапник на агрокомбинатот „Тиквеш“. Во 1975 година се вработил во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата во Скопје, каде во неколку наврати беше директот. Тој е идеен творец на Управата за заштита на културното наследство. Трпески вели дека Ристов спаѓа во редот на плодните автори во полето на културното наследство (во смисла на публикување на монографии или стручни трудови), а можеби и единствениот во Македонија кој објавуваше трудови поврзани со правната заштита на културното наследство.

– Тој беше еден од ретките правници кај нас кој се зафатил да се занимава со македонското културно наследство и кој имаше не само стручен, туку во голема мера и научен пристап кон обработувањето на проблематиките на наследството. Неговиот опус навистина е голем и тоа може да се види и во книгата што ја објавивме, каде на почетокот се поместени сите негови монографии и трудови што ги објавил. За жал, по неговата смрт, просторот на правната заштита на македонското културно наследство остана непокриен доволно, но верувам дека ќе успееме да анимираме некои од помладите за да се зафатат посериозно со оваа проблематика – вели Трпески.
Што ако имаме закони, ако не се применуваат?!
Трпески до пред два месеца беше претседател на МНК на „Синиот штит“. На прашањето колку се почитува правната регулатива во заштитата на културното наследство во Македонија, тој вели дека е ситуацијата е сè уште далеку од добра.
– Очигледно, кај нас единствено добро е што секој може да биде сменет од власта која ги креира политиките за заштита, но кога новопоставениот треба да направи промени во функционирањето на системот на заштита… е тоа тешко оди. Накратко, што ако имаме закони, ако не се применуваат, односно се применуваат само додека има простор за да се одработи во интерес на партиската агенда. Националната агенда е само имагинарен поим врз основа на кој се градат и се рецитираат изветвени политички флоскули по медиумите. И тоа не е нешто што се случува од вчера. Нè следи веќе 30 години. Пораснавме со тоа. Имаме Закон за заштита на културното наследство, донесен уште од времето на Јован Ристов. Со сите добри и лоши страни на Законот, тој никогаш не се спроведувал и не се спроведува во целост, но затоа скоро секоја година се прават некакви измени и дополнувања. Актите се посебна приказна, колку да се каже дека се работи нешто. Многу малку од тоа што е напишано на хартија се спроведува. Факт е дека ни е потребен нов закон за заштита на културното наследство. Но, тој не треба да се донесе само затоа што така треба, туку за ни служи и да се применува – дециден е Трпески.





