Кристина Тасева, ученичка во трета година во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ од Скопје и Сара Стефановска – ученичка во деветто одделение во „Јоаким Крчовски“ во Крива Паланка освоија бронзени медали на Европската олимпијада по информатика за девојки, која годинава прв пат се одржа во Цирих, Швајцарија. Олимпијадата се организираше од 13 до 19 јуни, а за македонското учество се погрижи Здружението на информатичарите на Македонија. Тимот го предводеа лидерите м-р Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Кристина Тасева е ученичка во трета година во „Јахја Кемал“

Заради актуелната пандемија, учеството на тимовите беше онлајн, а учесниците од нашиот тим беа сместени во хотел во државава, во деновите од натпреварот. Освен Тасева и Стефановска, тимот го составија и: Атина Рувинова од Охрид и Софија Велковска од Скопје.
Идејата на оваа олимпијада е да се поттикне интересот за информатиката и кај девојките, кои се во забележливо помал процент присутни на редовните интернационални олимпијади по информатика. Олимпијадата се стреми да овозможи на најдобрите европски талентирани ученички да ги покажат знаењата и вештините кои што ги стекнале во областа на информатиката, а поконкретно во програмирањето.
Секоја земја на ЕОИД учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачки, лидер и заменик лидер на тимот, а ученичките се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

На ЕОИД 2021 учествуваа вкупно 157 ученици од 31 европска земја и 12 земји – гости надвор од европскиот континент (како САД, Канада, Индија, Јапонија, Египет, Казахстан и други). Голем е успехот на македонските натпреварувачки во оваа исклучително силна конкуренција да освојат два бронзени медала, а и останатите две натпреварувачки да се во рангот на поени кои овозможуваат посебна олимписка пофалба.

Сара Стефановска е деветтоодделенка во „Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка

– Среќен сум што и во овие вонредни услови, во период кога имавме силен ковид-бран во Македонија, успеавме да ги избереме и подготвиме најдобрите натпреварувачки, за да можеме да се натпреваруваме на исто ниво со учесници од 43 земји. Очигледно дека воведувањето на предметите Основи на програмирање и работа со компјутер од трето од петто одделение и потоа предметите Информатика, Програмирање и Програмски јазици даваат резултати – изјави Миле Јованов, претседател на здружението.

Тој посочува дека со новата концепција за основно образование „сето тоа се брише и Македонија наместо да остане меѓу земјите кои беа предводнички во воведувањето на информатиката во наставата се враќа многу чекори назад, а содржините поврзани со информатиката и програмирањето се маргинализираат и занемаруваат“.

– Се надевам дека наскоро овој погрешен пристап ќе биде исправен. Изразувам благодарност до општествено-одговорната компанија „Нетцетера“, која ги поддржа подготовките на македонскиот тим.
Вчера започна и 33.Интернационална олимпијада по информатика во Сингапур, каде што учествува Македонија и редовно постигнува добар успех.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.