Јана Стојановска со највисок просек заврши прва година на архитектура на „Рајерсон“ во Торонто

Цела година работев навистина напорно за да ги постигнам највисоките резултати и многумина од моите професори го искажаа нивното признание за моите достигнувања во првата година

Со највисок просек, еквивалентен на 10.00, ја заврши прва година на архитектура на Универзитетот „Рајерсон“ во Торонто. Таа е една од 120-те студенти кои во конкуренција од повеќе од 1.000 апликанти од цел свет, успеале да се запишат на престижниот факултет. Јана Стојановска од Скопје има 19 години и големи соништа за архитектурата. Во 2013 година со семејството се преселила во Канада. Денес живее во Торонто, Онтарио и раскажува како е да се биде добар студент на познат универзитет.

Студирате на Универзитетот „Рајерсон“ во Торонто. Тешко ли беше да се влезе, имаше ли силна конкуренција?

– Универзитетот „Рајерсон“ е еден од најконкурентните универзитети во Канада и самиот приемен процес е доста тежок. На катедрата за aрхитектура примаат само 120 студенти (домашни и меѓународни) во конкуренција на повеќе од 1.000 апликанти. Процесот на аплицирање се состои од селекција во три фази. Првата се прави преку просекот од средното училиште, вклучувајќи ги задолжителните предмети: напредни функции, калкулус, физика, и технички дизајн.

Втората фаза на селекција опфаќа изготвување на уметничко портфолио за чија подготовка ми беа потребни околу 18 месеци. Откако беа прегледани моите оценки и портфолиото, добив брз одговор од факултетот дека треба да закажам тестирање на факултетот како трета и завршна фаза од приемниот процес. Тaa се состоеше од два креативни дела – задача што требаше да се изработи дома (апстрактна скулптура на претходно зададена тема), а вториот дел беше тестирање на самиот факултет. Паралелно аплицирав и на други два престижни универзитета – Универзитетот во Торонто и Универзитетот во Ватерлу. Иако веднаш добив позитивен одговор и од двата, сепак се одлучив за „Рајерсон“.

Колку чини годишната школарина, има ли опција да се добие стипендија и некако да се олесни студирањето?

– Школарината на универзитетот е висока и секако претставува товар за едно семејство. Сепак, благодарејќи на мојот исклучително висок просек и резултатите од приемниот процес, успеав да ја добијам максималната стипендија од факултетот. Неодамна, еден од моите професори ми понуди работа како асистент за истражување во областа на архитектурата. Оваа позиција потенцијално би ми овозможила дополнителни стипендии.

Јана Стојановска

Кризата со ковид-19 не ја заобиколи ниту Канада. Опишете ни како се одвиваат предавањата во вакви услови.

– Ковид-19 дефинитивно претставуваше голем предизвик за сите образовни установи во Канада, но универзитетите одлично се адаптираа и транзицијата беше непречена. „Рајерсон“ има онлајн-платформа каде што се објавени сите наставни планови и материјали како и сите годишни тестови, задачи и завршни испити. Користиме зум и слични платформи за онлајн-предавања, презентации и состаноци. И покрај фактот што не бевме во можност да се запознаеме лично, благодарејќи на социјалните мрежи, успеавме да се зближиме, иако дел од групата живеат во други канадски провинции, па дури и други држави.

Кога и како почнавте да се интересирате за архитектурата?

– Отсекогаш ме интересираше областа на архитектурата. Како дете, заедно со моите родители, секогаш гледав телевизиски емисии за внатрешен дизајн и реновирање – првото нешто кое го зголеми мојот интерес. Уште од најмала возраст пројавив интерес за визуелните уметности, а понатаму во текот на моето образование се засили и мојот интерес во областа на физиката и математиката. Архитектурата е можеби единствената дисциплина што ги поврзува сите овие заедно!

Првата година ја завршивте со највисок просек. Дали преполагавте некој испит?

– Да, првата година ја завршив со максимален просек од 4.33 (еквивалентен на 10.00). Имав испити по сите предмети, освен по предметот студиски дизајн каде што имав завршен проект преку кој требаше да се дизајнира зграда со повеќе намени.  Сепак, завршните испити не сочинуваат 100% од мојата завршна оценка. Имавме и други проекти, тестови и задачи што ги завршувавме во текот на семестарот. Секој сегмент има различна тежина и сите тие се пресметуваат и влегуваат во крајната оценка.

Во милионски град, на силен универзитет, тешко ли е да се покаже индивидуалниот квалитет?

– Да, дефинитивно е тешко да се покаже индивидуалниот квалитет. Не само што имам конкуренција во студентите од Канада, туку и од целиот свет. Во текот на целата година работев навистина напорно за да ги постигнам највисоките резултати, кои не останаа незабележани и многумина од моите професори го искажаа нивното признание за моите достигнувања во првата година. Како што претходно споменав, добив и можност за работа преку лето на Универзитетoт како асистент за истражување.

Ваши три проекти се објавени во годишниот магазин во конкуренција од преку 500 домашни и меѓународни студенти. Што значи ова за студент што е на почетокот на својата академска кариера?

– Бев многу возбудена кога видов дека во конкуренција на толку многу студенти, дури три мои проекти беа изложени на годишната изложба на катедрата за архитектура и тоа: “Micro Home”, “Exploded Axonometric Drawing” и “Saint Mark’s Basilica Poster”. Ова беше огромно достигнување, особено како студент од прва година и многу професори и студенти од завршните години ми честитаа на овој успех. Во иднина, имам големи шанси да бидам избрана за програмата за соработка, што е всушност платена пракса во некоја архитектонска фирма. Овие фирми обично подоцна нудат постојана работна позиција, што би бил неверојатен почеток во мојата професионална кариера!

Доаѓате ли често во Македонија? Што најмногу ви недостига?

– За жал, немав можност да ја посетам Македонија откако се преселивме. Моето семејство и јас планиравме да ја посетиме Македонија минатото лето, меѓутоа, поради целата ситуација со ковид-19, моравме да ги паузираме нашите планови. Се надевам дека ќе ја посетам Македонија наскоро.

Каде би сакале да се видите себеси за 10 години?

– За десет години, се надевам дека ќе работам во реномирана архитектонска фирма. Пред тоа, би сакала да се здобијам со магистерска диплома и да станам лиценциран архитект во Канада, што ќе ми пружи повеќе можности за работа. Во иднина, би сакала да основам и своја архитектонска фирма.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели