Пеце Талески, продуцент: Повеќе режисери да работат на „Преспав“ е многу успешен модел

Бизнис-организациите следат модели од кои тешко и ретко излегуваат, па умешноста се состои во тоа да им се понуди решение како да ги напуштат застарените начини на промоција и поддржувајќи ја домашната продукција да станат дел од популарната култура, вели Талески 

Како изминатите пет сезони, така е и оваа, режисери на серијалот се: Игор Иванов, Вардан Тозија, Георги М. Унковски и Дина Дума, со кои ОХО продукција успешно соработува и во многу други проекти. Рецептот повеќе режисери да работат на серијата е обележје на „Преспав“ и се покажа како многу успешен и креативно делотворен модел. Соработката помеѓу режисерите е на високо професионално ниво, а фузијата од секој нивни индивидуален сензибилитет е тоа што му додава вредност на проектот на крајот – вели продуцентот на мега-популарната серија кај нас, Пеце Талески.

Првата епизода од шестата сезона на омилената серија ќе започне на 20 декември (понеделник) од 20.15 часот на МРТВ1.

Публиката нестрпливо ја чека 6. сезона на „Преспав“. Беше ли голем продукциски залак за таа да стане реалност?

– Продукцијата на „Преспав“ за нас е веќе прилично испраксиран модел и иако е навистина тешко да се работи проект со голема екипа на сет, внимавајќи на ковид-протоколите, шестата сезона е успешно снимена, процесот на постпродукција – завршен, а првата епизода е закажана.

Рецептот повеќе режисери да работат на серијата се покажа како повеќе од успешен. Таков концепт имате и во новата сезона. Со кои режисери ќе соработувате, дали има и нови имиња?

Како изминатите сезони, така е и оваа, режисери на серијалот се: Игор Иванов, Вардан Тозија, Георги М. Унковски и Дина Дума, со кои ОХО продукција успешно соработува и во многу други проекти. Рецептот повеќе режисери да работат на серијата е обележје на „Преспав“ и се покажа како многу успешен и креативно делотворен модел. Соработката помеѓу режисерите е на високо професионално ниво, а фузијата од секој нивни индивидуален сензибилитет е тоа што му додава вредност на проектот на крајот.

Се освестува ли бизнис-секторот да поддржува повеќе домашна продукција, барем во случајов на „Преспав“?

Прашањето би го преформулирал, дали домашната продукција прави простор за вклучување на бизнис секторот?! Бизнис-организациите следат модели од кои тешко и ретко излегуваат, па умешноста се состои во тоа да им се понуди решение како да ги напуштат застарените методи на промоција и поддржувајќи ја домашната продукција да станат дел од популарната култура. Нам, тоа со „Преспав“ ни успева до одредена мера, но постојано настојуваме на нови и иновативни решенија во оваа насока. Неодамна, со нашите партнери Gley.tv ја промовиравме првата национална стриминг-платформа што нуди атрактивна и внимателно селектирана локална, регионална и интернационална филмска и детска програма, комплетно обработена на македонски и албански јазик. Тоа не е обична видеотека, туку има поширока мисија – поддршка на македонската продукција. Дел од богатата програма на оваа платформа се сериите: „Фамилија Марковски“, „На терапија“, „Преспав“, „Беса“, хрватската серија „Црни бјели свет“, крими серијата „Тајкун“, „Клан“, филмовите „Трето полувреме“, „Џган“ и многу други.

Се размислува ли за извезување на серијата во регионот? Имавте соработка со Бугарија во претходната сезона.

– Прикажувањето на „Преспав“ на бугарската национална телевизија bTV comedy е легендарен успех на македонски продукциски производ надвор од границите, а уште поголем е успехот што таму серијата е навистина меѓу најгледаните, публиката одлично ја прифати. Извесни се преговорите и со уште неколку телевизии од регионот за откупување на правата за емитување на „Преспав“.

Какви се плановите со „Петко 5+“, дали таму се очекуваат нови епизоди?

– „5+“ е еден од најважните проекти на ОхО, „првото и најсакано“, така што и понатаму правиме големи планови. В година, планот е 5+ да се продуцира во два формати, еден наменет за најмладата публика од 4 до 7, и вториот со содржини за повозрасните деца од 8 до 11 години. „5+“ секогаш ја следи динамиката на животот на детската популација, па како што нивните интереси и преференции за дигиталниот свет се менуваат, така еволуираат и содржините. Главно се држиме до целта и идејата, „5+“ секогаш да биде партнер на родителите и просветните работници во растење и воспитување на децата.

Сподели