Отсекогаш во приказната имало фотоапарат, прво во рацете на татко ми, а потоа и во моите

Книгата „Џезтетика“ од Татјана Ранташа се состои од портрети на повеќе од 50-ина џез музичари од Македонија. Промоцијата е закажна за утре во 13 часот пред платото на МКЦ

Најавата на врнежи од снег и дожд утре нема да ја спречи промоцијата на книгата „Џезтетика“ од Татјана Ранташа, ниту ќе биде откажан настапот на седумтемина членови на Здружението на џез музичари (ЗЏМ) во Младинскиот културен центар во Скопје. Како што таа вели: „Времето изгледа нема да нè послужи и можеби дел од случувањето ќе се одржи барем напола внатре, ако не и сето, но сепак се надевам дека ќе има позитивно расположение. Огромна благодарност до ЗЏМ и МКЦ.“ Тоа пак кажува многу за нејзиниот карактер – таа не се откажува лесно. Промоцијата замислена како опуштено дружење, матине и дневна џез-свирка е закажна за 13 часот пред платото на МКЦ.

Андреа Мирческа

Како се роди идејата на едно место да се претстават фотографиите направени на џез-свирки/концерти и како дојдовте до насловот „Џезтетика“?

– Книгата е логичен след на настаните по истоимените изложби со иста тема во Скопје, Битола и во Белград, а која првенствено беше оформена за поставување на фестивалот музички документарци „Скопје синема сити“ на Ненад Георгиевски. Името е токму тоа што самите фотографии го претставуваат – естетиката на џезот. Музиката преточена во фотографија. Кумот е Милан Дамјановски.

Колку фотографии се поместени во книгата и на основа на што ја правевте селекцијата? Што беше битно да влезе во ова издание?

– Книгата се состои од портрети на повеќе од 50-ина џез музичари од Македонија. Се обидов да ги имам сите, но тоа просто не е можно, и навистина ми е жал што некои не успеав да ги фотографирам, низ времето или сега, непосредно пред објавувањето. Сакав, и се надевам дека успеав да направам документ на едно време и луѓе, еден спомен за она што во изминативе години се случува на сцената. Книгата е во соработка со Александар Прокопиев. Не сакав да биде како каталог со фотографии, сакав да има едно нешто кое ќе му даде посебен печат на целото, посебна искра на живот. Текстуалните варијации на Прокопиев го направија токму тоа!

Џоле Максимовски

По вокација сте архитект, работите нешто сосема друго, во душата сте фотограф. Како почнавте да се занимавате со фотографија?

– Не знам, отсекогаш, откога знам за себе во приказната има фотоапарат. Прво во рацете на татко ми, а потоа и во моите. Секогаш сум имала апарат со себе. Дома имам поприлично голема архива на луѓе и настани, што на филм, што дигитално.

Во фокусот Ви се концертите. Кој момент се обидувате да го замрзнете, заробите во една фотографија?

– Го фотографирам она што го сакам, што ме исполнува. А најмногу уживам на концерти, на журка, на настани каде има музика и расположени луѓе. Целата таа атмосфера, емотивното и физичкото доживување на настанот сакам да ги прикажам преку фотографијата. Целата енергија и звукот да ги преточам во неа.

Владан Дробицки

Што Ве фасцинира во црно-белата фотографија? Што успевате со неа да искажете, а го нема во колор-фотографијата?

– Обете си имаат своја убавина. Во некои моменти подобро легнува црно-белата, во некои колорот. Се одлучив за црно-бело, бидејќи повеќе ми одговара за книга портрети. Има некаква безвременост во црно-белото.

Тешко ли е во Македонија да се објави едно вакво издание? Што беше најголем предизвик во издавањето на книгата?

– Многу тешко, треба комплетно да си вклучен во целиот процес за да испадне онака као што си го замислил, и пак можеш и покрај целиот труд некаде да згрешиш. За жал, кај нас многу тешко се доаѓа до квалитет. И многу добро треба да размислиш со кого ќе го работиш. Моето искуство со издавачот не е за пофалба.

Зоран Маџиров

Размислувате ли за „Џезстетика Vol.2“?

– Не. Можеби некогаш, по години. Како што не сум тип кој сака да се експонира, добро е и ова што се случи. Да не беше Ненад да потегне, фотографиите сè уште ќе си ги гледав само јас на компјутер.

Насловна фотографија: Петра Цвелбар
Фотографии: Татјана Ранташа

Сподели