Концертот „Руски романси“ кој требаше да се одржи вечерва во 19 часот во Фоајето на Националната опера и балет, се одложува, соопшти Министерството за култура на својата официјална фејсбук-страница. Оттаму велат дека одлуката била заеднички донесена со организаторот. Според најавата на настанот, негов организатор е Здружението на руски сонародници „Чајка“.
– Последните вести од Украина го загрижуваат целото човештво. За никого ова не е време за романси. И уметноста е порака, затоа никој не смее да дозволи таа да биде извалкана. Убавите романси нека останат за подобри времиња, времиња во кои повторно ќе владее мирот, нема да има жртви и никој нема да се чувствува загрозен или под закана – стои во известувањето на Министерството.
„Чајка“ веќе осум години учествува во меѓународниот проект „Романсиада“ (Русија) и праќа млади македонски пејачи на натпреварот во Москва од каде што тие се враќаат со награди и признанија. Натпреварот „Романсиада“ и програмот „Меѓународниот ден на Руска романса“ се под егида на УНЕСКО.
Поголемиот дел од руските романси, кои се однесуваат на 19 и почеток на 20 век, како и оние создадени во последниве неколку години (нови дела) се непознати на македонска публика. На настанот требаше да учествуваат студенти од Музичките академии во Скопје и Штип, млади оперски пејачи, а автор на концептот, музички соработник и наратор (водител) е м-р Елена Сиљаноска, корепетитор во НОБ.





