Огнен Дранговски: Да се работи со нови луѓе во друга средина, плус и друга држава е навистина среќа

Иако добро го говорам хрватскиот, сепак се работи за сценски јазик, на класично дело на хрватската драма, плус се работи за некој вид поетски реализам, кој дури и нив им звучи доста архаично и дијалектно што го правеше уште потежок. Но, со доста часови по хрватска фонетика и многу отворено уво мислам дека добро се снајдов – вели битолскиот актер.

По бројни улоги на матичната сцена, каде е еден од столбовите на репертоарот, актерот Огнен Дранговски пролетва имаше можност да работи претстава во Загреб, во режија на Бранко Брезовец. Тоа е режосер кој повремено му се враќа на македонскиот театар, а сега се отвори можноста и макеедонски актери да играат во негови претстави на друг јазик. „Новиот Сатана“ беше голем предизвик од многу аспекти.

Кон крајот на март годинава игравте главна улога во претстава надвор од вашата матична сцена и тоа во друга земја. Како се случи „Новиот Сатана“ во која имавте главна улога?

– Не ми е прв пат да соработувам со Бранко Брезовец и „Еуроказ“, па после соработката на претставата „Помутње“ во 2014, која се играше во Њујорк и на многу фестивали низ Балканот, остана чувството дека сигурно треба повторно да работиме заедно. Па така пред две години добив понуда од Брезовец да ја играм улогата на Иларија Шалич во претставата „Пожар на Страста“ од Јосип Косор. Претставата е копродукција со РААМ театарот од Талин, Естонија и е базирана на два текста „Пожар на страста“ и „Авантурите на новиот сатана“ од Таамсаре. Концептот на Брезовец има навистина филозофски карактер, можеби и религиозно филозофски. Се занимава со суштината на човекот, со доброто и злото, како еден побожен човек може да има еден сатана во себе си. Дали тој сотона е во нас или доаѓа од надвор, од самиот ѓавол. Ја третира загубата, бесмисленоста и немилосрдноста на војната, колку човечкиот живот нема вредност за време на војна, дури детските животи се ожнеани од воениот комбајн. Навистина една многу слоевита претстава, со многу планови, сценографски и музички, исто така. Нема еден детаљ кој не е сработен. Навистина ретка можност да се биде во таква продукција.

Се вели на актер секогаш му треба нов предизвик. Во случајов, тргнувајќи од играње на нов јазик со актери колеги со кои прв пат се гледате на сцена. Како се носевте со овие предизвици? Проблем ли е за еден актер доколку му е по малку и непријатно додека подготвува одредена претстава?

– Вистина е дека бев на туѓ терен, во друга земја, со нови луѓе. И вистина е дека сме блиски, славјански народи, но сепак тоа е друга земја и друг јазик. Иако добро го говорам хрватскиот, сепак се работи за сценски јазик, на класично дело на хрватската драма, плус се работи за еден подигнат јазик, некој вид поетски реализам, кој дури и нив им звучи доста архаично и дијалектно што го правеше уште потежок. Но со доста часови по хрватска фонетика и многу отворено уво мислам дека добро се снајдов. Актерската игра е често врзана за јазикот, па така и играв, мораше јазикот да стане дел од мене, оти навистина зборовите значат, секој збор е измерен и кажан да значи. А и во тоа е и убавината, да имаш одредена неизвесност во играта на сцена, сето тоа придонесува за живот. Дури и ми се јави она скоро заборавено чувство на нетрпение да се излезе на сцена.
А што се однесува за соработката со нови луѓе, нови партнери, нови сценографи, композитори, навистина се чувствувам почестен. Да се работи со нови луѓе во друга средина плус и друга држава, е навистина среќа. Покрај тоа што запознаваш нови луѓе, навистина учите најмногу за себеси, гледајќи ги тамошните темпераменти, карактери, мислења, навики. Навистина искуство за еден живот, имајќи ги предвид и интензитетот на Брезовец и запознавајќи ги тие прекрасни луѓе од крв и месо и душа… Навистина среќа.

Последнава година ја играте „Демони“, исклучителна камерна претстава која буквално скорива „демони“ од секого во публиката. Каков предизвик беше оваа режија на Васил Христов?

– Тоа е едно толку различно искуство од она со Брезовец, толку различно во изразот , а сепак сеопфатно, што навистина зборува дека театарот има безброј лица. Во „Демони“ демоните се скриени длабоко, не се гледаат, но пливаат блиску горе, одма под површината и така и изразот во претставата. Играта кај Христов на почеток како да не постои, како да нема ништо значајно, но како што врви претставата така и се отвораат работите, така се отвара и актерскиот израз, Се игра на бегстсво од емоцијата, не дека не постои, туку со криење, што за мене претставува освежување, никогаш да не си на јасно дали ликот е сериозен или не. Во моментот кога мислиш дека ќе се случи нешто драматично, се посегнува по некој музички ескапизам на главниот лик, и така се одложува неизбежното, соочување со демоните, и сето тоа низ навидум лесна игра, која полека и нас и публиката не внесла длабоко, а кога ќе се освестиме дека сме длабоко, веќе е касно. Една навистина прекрасна соработка, која овозможи одлична креација на сите на сцената, од едно несекојднево дело, доста говорно, но сепак говорот како средство да се кријат недостатоците , мааните, маниите, неурозите, и се спаковано во еден прекрасен Сан Ремовски саундтрак.

Се враќа ли публиката во гледалиштето полека но сигурно, посебно по корона-неприликите што особено влијаеја врз театарската култура?

– Фала Богу што заврши, и што почнавме да играме, и публиката се врати. Напочеток посрамежливо или плашливо, но се врати. А и ние се вративме, барем јас можам за мене да кажам дека ужасно делуваше врз мене. Навистина грозно време, а во исто време станав и татко. Таман се роди ќерка ми не’ затворија после два дена, од една страна радост од друга пустош по улиците. Знам само дека во првите две години од животот на ќерка ми секогаш бев дома.

Која улога си ја посакувате за себе или мечтаете некогаш да ја играте?

– Навистина би сакал да изиграм некој Брехт, Баал на пример, опера за три гроша, ама никако да ме погоди тој Брехт. Сакам да го играм Хамлет, или пак Магбет, навистина различни карактери, но толку даваат можност и предизвик се. Ми се врти и Просперо. Но во последно ми се враќа желбата за веќе изиграна улога да ја играм пак. Иванов од Чехов. Толку уживав кога ја играв, и некако остана недоиграна, недоискажана, како некој да и го одзеде животот на претставата пред време, без објаснување, како да ми ја одзеде. Е со задоволство би ја изиграл пак, тој неумерен, занесен, страстен, заблуден, доведен до лудило, кој сака да си излезе од кожата, ама не може. Николај Алексеевич Иванов

Битолскиот театар често соработува со режисери од странство. Колку тоа е позитивно искуство за вас како актери, да може да се работи со луѓе од различни естетики и средини?

– Тоа понекогаш личи на луда железница, во позитивна смисла се разбира, зашто не само што доаѓаат од различни средини туку негуваат и различен театарски израз. Документарен театар, политички театар, Гротеска, минималистички театар, често етиден пристап, понекогаш без текст, текстот се создава на лице место, камерен театар, епски театар. Навистина добро место да си ја испробаш умешноста во различни видови на израз.

На што сте ангажиран периодов, дали ве очекува некаква премиера наскоро?

– Во моментов работам на претставата „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ гостин од Србија по втор пат во Народниот Театар Битола. Уште еден уникатен режисер, кој според мене, основата на својот театар ја има во „класичниот театар“, но сето тоа изместено во една екстремна гротеска, со многу сериозен пристап кон хуморот, црниот хумор особено, но во исто време навистина нежно и кршливо. Како од стакло.

Сподели