Проф. д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт е новата ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Метидиј“, според неофицијални информации. Со тоа УКИМ ја добива втората жена на раководната позиција во својата историја, по проф. д-р Радмила Кипријанова. Ангелова досега беше во два мандата проректор за финансии на Универзитетот и доаѓа на местото на актуелниот ректор Никола Јанкуловски.
– УКИМ е голем и комплексен Универзитет, сложен организациски систем кој бара искусен менаџмент. Моето долгогодишно работно искуство на Универзитетот, каде во два мандата успешно го раководев Економскиот институт и во два мандата сум проректор за финансии, инвестиции и развој ми овозможи да ги согледам сите проблеми и предизвици пред кои се исправени факултетите и институтите, но и нивните капацитети и можности. Од една поинаква перспектива можам да го гледам „крвотокот“ на Универзитетот, сите внатрешни и надворешни релации и односи, кои биле дел од моето секојдневие последниве седум години – рече таа во интервјуто за Умно.мк.





