Во Занаетчискиот дом во Куманово од вечерва во 20 часот ќе се одржи 5. издание на Фестивалот на краток филм „Филмај“. Ќе бидат прикажани 16 филма. Наградени годинава се: новозеландскиот „Дацун“ во режија на Марк Албистон, српскиот „Ѕвер“ со Јуриј Искаков како директор на фотографија, „Сеќавање на брза бура“ (Грција) по сценарио на Софија Георговасили, заедно со најдобриот домашен филм „Проблемот на Тина“, и „Помеѓу зборовите“ од Луксембург како најдобар краток филм.
Стручното жири на „Филмај“ го сочинуваа: Симона Димковска (актерка), Борна Зидариќ (сценарист и режисер) и Мартин Давитковски (член на фото-кино клуб „Козјак“).
Официјално селектирани филмови кои ќе бидат прикажани се: хрватскиот „Железна уста“, „Досие“ (Иран), „Цреши“ и „Техно, мама“ од Литванија, мексиканскиот „Онан“, „Никој“ (Португалија), „40 минути“ и „Ден за капење“ од Русија, швајцарско-францускиот „Ферплеј“, и шпанските „Клаудија“ и „Хелено“.
Влезот е бесплатен за проекциите. Организаторите од Фото-кино клуб „Козјак“ посочуваат дека не се препорачува присуство на малолетни лица, бидејќи некои од филмовите содржат стилизирана експлицитност.





