Двете главни улоги во филмот ги толкуваат Теута Ајдини Јегени, првенка на Албанскиот театар во Скопје и Рефет Абази, а од Македонија на филмот работеа и: монтажерот Владимир Павловски, дизајнерот на звук Дарко Спасовски, Игор Поповски снимател на звук, Иван Ѓоршев, како гафер и многу други…
Долгометражниот филм „Вера сонува за море“ во режија на Калтрина Красниќи, во кој Македонија е копродуцент, влезе во официјалната селекција на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција. Својата светска премиера ќе ја има во септември, во официјалната програма „Хоризонти“. По 21 година, кога Милчо Манчевски го отвори фестивалот со „Прашина”, Македонија не била дел од официјална селекција во Венеција, макар во копродукција.

Огнен Антов на снимањето на „Вера сонува за море“
Филмот е копродукција на Косово, Албанија и Македонија, а наш продуцент е Огнен Антов од „Дрим фектори“ од Скопје.
– „Вера сонува за море“ е производ на долгогодишното искуство со продуцентот Шкумбрин Истрефи и откако тој за прв пат ми го презентира, „намирисав нешто“ во сценариото што знаев дека ќе роди со успех, но не и дека ќе биде огромен успех. Шок е наједноставниот збор што можам да го кажам за нашиот влез на Венеција, следен со неверување. Сето тоа беше измешано со позитивна еуфорија – вели Антов.
Кој сè учествува од Македонија во проектот? Сценариото го напиша младата Дорутина Баша, а во проектот освен Антов и Стојан Вујичиќ во продуцентскиот дел, а „Дрим фектори“ како продукциска куќа, главните две улоги ги толкуваат Теута Ајдини Јегени, првенка на Албанскиот театар во Скопје и Рефет Абази. Потоа монтажерот Владимир Павловски, дизајнерот на звук Дарко Спасовски, техничка екипа како Игор Поповски снимател на звук, Иван Ѓоршев, како гафер и многу други…

– Веќе не се може без копродукциите, едноставно тие се составен дел од нашата работа. Создавањето македонски филм е веќе незамисливо без копродукција. Тоа пак нам ни дава шанса на поголема видливост на нашите проекти во иднина – вели Антов.
Огнен Антов со својата продуцентска куќа „Дрим фектори“ веќе подолго време копродуцира во успешни филмови, меѓу кои: „Мисија Лондон“, „Споменикот на Мајкл Џексон“, „Возвишение“, „Ловци на вештерки“ и други. Тој е продуцент и на неколку документарни филмови на Билјана Гарванлиева – „Tetovo Twilight“, „Шивачките“ и други.

Негови последните играни филмови, со македонско мнозинство се првиот детски филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ и „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски, што беа снимени во 2019 година.
Насловна фотографија: Самир Љума





