Црвенковска и Костуранов: „Невидливата куќа“ е плод на заемната почит како автори

Авторот не треба да бара од илустраторот да го црта она што тој го замислил, во стил кој тој го замислил, да додава и да одзема по свое, туку треба да му дозволи на илустраторот да биде автор. Вистински автор, а не само егзекутор на туѓа визија – вели писателката Билјана Црвенковска

Тие се најплодните автори за детска литература, а нивните дела во последните неколку години ги чита публика и на други јазици. Билјана Црвенковска и Ване Костуранов ги соединија креативните сили и создадоа ново дело, прво нивно заедничко – „Невидливата куќа“ на издавачката куќа на Црвенковска, „Чудна шума“. И двајцата велат дека поминале низ прекрасно патување додека ја создавале оваа книга, која наскоро ќе излезе од печат.

Билјана Црвенковска е авторка на повеќе книги за деца („Супервештерката, мачкатa и шесте волшебни колачиња“, „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“, приказните од „Светот на Биби“), а во последните години почна да твори и за возрасни – „Девет приказни за госпоѓа Сит“ и „Куќа над брановите“.

Ване Костуранов, пред сè, илустратор, кој, како што вели, сосема случајно влезе во светот и на пишувањето сликовница, кога ја напиша „Ѕвезденото дете“ во 2018 година. Следуваше „Девојче и мече“, „Девојчето и градот“. Неговите дела веќе ги има на српски, хрватски, корејски, а наскоро и на германски јазик.

На прашањето дали ќе соработуваат повторно, Црвенковска вели: „Апсолутно. Мислам дека веќе имам и нова идеја во главата“.

Како се роди идејата за коавторство?

Билјана: Идејата за заедничка сликовница е од поодамна. Ние сме блиски пријатели, имаме слични погледи за тоа каква треба да биде квалитетната книжевност за деца, си ги читаме и коментираме книгите еден на друг… Jас бев уредник на првата авторска сликовница на Ване – „Sвезденото дете“, како и „прв читател“ во процесот на создавање на сликовниците „Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“. Во сите тие наши средби, читања и разговори постојано зборувавме за тоа дека сакаме да направиме заедничка сликовница, но требаше на двајцата да ни се „погоди“ темата и текстот. И тоа и се случи со „Невидливата куќа“.

Билјана Црвенковска

Ване: Идејата за заедничка сликовница е присутна уште од почетокот на нашето пријателство со Билјана, тоа е нешто што природно се подразбираше за обајцата, а е резултат на заемната почит што ја имаме еден кон друг како автори. Билјана е врвен уредник и една од ретките писатели кај нас која сериозно ја следи светската литература за деца и има изградено високи критериуми за квалитет, па затоа на секоја средба имаме многу за споделување. Како што вели таа, предизвикот беше да се „погодиме“ со вистинската приказна, а баш таква е оваа книга.

Може ли да ù доближиме на публиката како течеше процесот на создавање на сликовницата?

Билјана: Кога ја имав првичната идеја за сликовницата, му ја раскажав на Ване. Беше тоа во еден наплив на возбуда и инспирација дека можеби „тоа е тоа“. Се сретнавме на фестивалот „Друга приказна“ во МКЦ и едвај чекав да ја споделам со него идејата. Тука беше и Мери (Костуранова), и двајцата изреагираа исто – дека идејата им звучи интересна. Потоа, јас напишав еден текст, кој беше далеку од финален и му го пратив на Ване. Коментарот беше: „Има премногу зборови. Треба да ми оставиш нешто и јас да кажам“. Хаха, јас секако бев свесна за тоа дека илустрацијата треба да раскажува приказна која не ја раскажува текстот и веднаш му кажав дека е тоа само прва верзија.

Потоа, следуваше нова верзија, која беше речиси иста како финалната. Според неа Ване почна да ги работи илустрациите. Се обидов да му доловам сцени што ми се вртеа низ главата додека пишував, атмосфера, што замислував кај одреден текст и слично. Ване, секако, тоа го доживеа на свој начин и го преточи неговото доживување на текстот во илустрација.

Ване: Процесот на создавање почнува неколку недели пред што било да почнам да цртам, во овој дел активно размислувам за текстот на кој што треба да работам, истражувам, се обидувам да го замислам светот и атмосферата од книгата, пробувам да си одговорам какви би биле ликовите, каков цртеж најдобро ќе го претстави текстот и многу, многу други прашања. Откако сето тоа ќе добие некаков правец, почнувам со скицирање и ги поставувам сцените на хартија, па потоа пробувам најразлични цртачки техники, за да можам да ја изберам вистинската. Сè на сè, процесот на создавање е секогаш стресен и полн со несигурност и преиспитување во обид да дојдеш до најдоброто решение, но тоа е вечната борба на уметникот.

КНИГАТА ЗА ДЕЦА Е ПОТЦЕНЕТА: СЕ ОДИ ВО ПРИЛОГ ДА СЕ УНИШТИ И НАЈМАЛИОТ ЕНТУЗИЈАЗАМ НА АВТОРИТЕ

 Имавте ли моменти на несогласување, па да требаше некој да попушти, да направи компромис?

Билјана: Не, искрено, не ни знам како изгледа тоа, бидејќи не сум го доживеала со ниту еден од илустраторите со кој сум соработувала. Сметам и дека добрата соработка со илустраторот зависи од тоа колку авторот е подготвен да ги „жртвува“ своето его и својата визија. Да му верува и да му препушти на илустраторот да го преземе во свои раце визуелниот дел. Тоа е клучно. Затоа и процесот е коавторски, а не е процес на „нарачка“ на илустрации. Авторот не треба да бара од илустраторот да го црта она што тој го замислил, во стил кој тој го замислил, да додава и да одзема по свое, туку треба да му дозволи на илустраторот да биде автор. Вистински автор, а не само егзекутор на туѓа визија.

Костуранов на изложбата на Младен Туниќ во рамките на фестивалот „Литера“ во Чифте амам

Ване: Да се надоврзам на муабетот на Билјана, познато е дека творечкиот процес на секој уметник е различен, но она што е речиси правило за повеќето уметници е што тој процес е прилично самотен. Јас и Билјана работевме индивидуално, без да имаме влијание во работата на другиот, но затоа пак имавме целосна доверба во способноста на другиот да го даде најдоброто од себе. И покрај нашите разлики, она што е заедничко и за двајцата, желбата да се создаде квалитетно литературно и ликовно дело, кое ќе им ја разбуди фантазијата, емпатијата и визуелната естетика на децата, а за родителите ќе биде предмет кој им дава можност за квалитетно поминато време со нивните деца. Тие се точките кои нè поврзуваат и ја прават секоја соработка (сегашна и идна) убава.

Сподели