Она што за спортот се Олимписките игри, тоа за хемијата е Меѓународната олимпијада по хемија, вели проф. д-р Миха Буклески
Бронзен медал освои средношколецот Дарко Стојчев на 53. Меѓународна олимпијада по хемија (IChO2021) која се одржа на далечина, а чиј домаќин беше Јапонија. Македонскиот тим го сочинуваа четворица натпреварувачи и двајца ментори. Покрај Стојчев, ученик во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ успешно се претставија и Ања Спасовска, од средното училиште „Гоце Делчев“ од Куманово и Јан Стојановски и Михаил Трајков од приватното школо „Јахја Кемал“ од Скопје.
– И оваа година, како и изминатите, македонскиот олимписки тим постигна значајни резултати на најреномираното натпреварување од областа на хемијата. Она што за спортот се Олимписките игри, тоа за хемијата е Меѓународната олимпијада по хемија – вели проф. д-р Миха Буклески кој со проф. д-р Наташа Ристовска беа ментори на учениците.
Покрај нив, учениците во изминатите шест месеци интензивно ги подготвуваа професорите и доктори на науки Владимир Петрушевски, Слоботка Алексовска, Марина Стефова, Билјана Пејова, Љупчо Пејов и Јасмина Петреска-Станоева. Сите се од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и членови на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ), организатор на изборот на тимот, кој ги спроведува подготовките на учениците и во послените пет години континуирано постигнува успеси на меѓународна сцена.
– И покрај отежнатите услови за работа, професорите од Институтот за хемија, дел од подготовките ги реализираше со физичко присуство, а поголемиот дел со средствата за електронска комуникација. Оваа година, како и минатата, на наше големо жалење, отсуствуваше експериментален дел, кој инаку е задолжителен при реализацијата на хемиските олимпијади – вели Буклески.

Ања Спасовска, Јан Стојановски, Дарко Стојчев, Михаил Трајков (од лево кон десно)
На IChO2021 учествуваа 312 ученици од 79 држави. Натпреварувачкиот ден беше 28 јули, а по оценувањето денеска се одржа церемонијата на затворањето и прогласувањето на добитниците на медали.
На прашањето колку се важни овие натпревари за промоција на науката и образоваието во нашата земја, Буклески вели:
– Со континуираните успеси што ги постигнуваат нашите ученици на меѓународните натпревари, покажуваме дека имаме потенцијал. Но, потребно е да знаеме да го поттикнеме нивниот понатамошен интерес и правилно да ги насочиме. Изминатиот период сведоци сме за значењето на науката за опстанокот на човештвото. Ниту спортот, ниту филмската уметност (како едни од најплатените професии), не можат да нè заштитат и помогнат во борбата за опстанок. Вистинските херои на денешницата се научниците: хемичари, фармацевти, технолози, физичари, информатичари, математичари… Да не го забораваме нивното место во општеството, а нашата држава да вложува во науката, образованието, како и развојот на талентот кај учениците – вели Буклески.





