Конечно ги слушнаа нашите апели, но зошто чекаат да реагираат родители, наставници… Одамна се знае дека ќе биде топло, вели Пепи Стефановска, наставничка во школо во Карпош
Основците на училиште, средношколците на распуст. Тешки услови за работа во неклиматизирани простории на многу високи температури, продолжена школска година, а непродолжени темини за наставниците да си ги завршат административниоте обврски и по завршувањето на наставата, еден куп нееднакви аршини… Што ни донесе воведувањето на пролетниот распуст кој за една недела ја продолжи учебната 2023/24 година?
– Училиштата во Македонија не се климатизирани, нема услови за нормален тек на наставата. Не е хумано на овие температури, во мали училници, по триесетина ученици да следат настава од 8:30 до 16:30 часот. Вратите и прозорците ги отвораме, постојано се ладиме со вода во секое време, но нема можност за продуктивно поминато време со учениците – вели Пепи Стефановска, наставничка во школо во Карпош.
Од Министерството за култура велат дека нема кој да ја коментира состојбата, бидејчи еден министер е во заминување, а друг треба да биде назначен деновиве. Но, поради високите температури, МОН препорача основните училишта да работат со скратени наставни часови.
– Имајќи предвид дека наставната година за учениците од основните училишта трае до 17 јуни, пропорачуваме основните училишта наставата да продолжат да ја реализираат со скратени наставни часови, но да се внимава да се запази суштината на наставната материја која се изучува. Училниците постојано да се проветруваат, учлениците да пијат повеќе вода, да не јадат масна храна и храна која содржи поголемо количество на шеќери за време на училишниот ден – препорачаа од МОН додавајќи дека препораките се дел од општите препораки за заштита од топлотен бран на Центрите за јавно здравје.
– Конечно ги слушнаа нашите апели, но зошто чекаат да реагираат родители, наставници… Одамна се знае дека ќе биде топло… Секоја година 10 јуни беше ден кој учениците со нетрпение го очекуваа. Со насмевки на нивните лица, со прегратка си посакувавме убав и пријатен летен распуст. Овој пат, како и секогаш без никаква консултација, без да бидат прашани наставниците, учениците, со непромислени брзи одлуки, ни вметнаа пролетен распус, а ни додадоа топли и неподносливи денови во училишните клупи кои навистина се непродуктивни – децидна е Стефановска.
Според неа, наставници дополнително се соочуваат со безброј проблеми како последица од продолжувањето на учебната година. Досега, после 10 јуни имале доволно време да ги завршат административните обврски, да ги напишеме свидетелствата, да ги внесат рачно во главните книги, да го напишат додатокот, да го средат електронскиот дневник, да пополнат извештаи за сите подрачја од годишната програма и на крај на јуни свечено да им ги доделат оценките на учениците.
– Сега времето за доделување на свидетелства си останува исто, на крајот на месец јуни, но времето за сето тоа да го завршиме е многу кратко, скоро невозможно. Апелирам до сите што ги креираат промените. Започнете да ги слушате оние што се вклучени директно во образовниот процес, оние коишто се во училиштата и училниците. Ние се грижиме за нашите ученици и го сакаме најдоброто за нив – вели Стефановска.
Елизабета Секирарска, професорка од Куманово која со години активно ги следи и коментира промените во образовниот систем вели дека овој концепт е сосема бесмислен. Таа се надева дека пролетниот распут ќе се укине. Ви го пренесуваме нејзиното гледиште во целост:
– Треба да се седне, да се направи реална и издржана анализа на потребата од пролетен распуст и сигурно е дека убаво ќе си се здогледа: комплетно е бесмислен. За двата образовни нивоа. Според делот од годината, за средношколците, а особено за матурантите е мошне дискутабилен, затоа што по него им остануваат уште многу малку денови, кои реално гледано, би можеле да се наречат ефективно време. Мака мачиме да им го држиме вниманието кога ќе се вратат по распустот, затоа што сепак имаат и друг, многу поважен хоризонт – си одат од средношколските клупи и таму им е фокусот. Оправдано. Ако им се направи еднонеделен прекин, после кој имаат едвај десетина дена до крај, која е логиката на „одморањето“? Ако тие се врзани со рокови за полагање матура и за уписи на факултет, па не можат да работат една недела плус, за учениците од прва, втора и трета година, пак, годината завршува на 10 јуни и покрај прекинот. Зошто за нив годината не е продолжена, како за основците? За нив, пак, кутрите, распустот значи продолжување на годината за една недела, што повторно значи неефективен период во кој се глуми ефектива. И тоа на високи температури. Тие сварени, одат оти мораат (освен оние кои со мама и тато се на друго место, оти тие не мораат). Учителите и наставниците нервозни, со чувство на обесправеност. Оправдано. Во меѓувреме, дур се мерат мускули кој каде да се позиционира и дур се ете, во најава сериозни нови, досега невидени реформи, обуки, новото одење напред, резови, унапредувања, учебници, наставни програми и нови почетоци, нели, и тоа од корен кој со децении никако да се најде, останува со сета своја тежина оној базичен факт (со стекнато станарско право и без изгледи за заминување): никој не мисли на децата. Најголемиот воспитно-образовен грев кој не ни го простуваат, а ни ја испорачуваат сметката на која со големи букви си пишува: Дур се играте образование, ние сме неписмени – вели Секирарска.
Насловна фотографија: МОН архива





