„Колега Стиков“ – награда од 500 евра за најдобар млад презентер

„Колега Стиков“ е нововостановената награда што ја распишаа „Наука за деца“, Фондацијата „Кантарот“ и семејството на познатиот спортски коментатор Александар Стиков. Под мотото „Добриот глас надалеку се слуша“ во име на славниот глас на Стиков, со оваа награда ќе се закити најдобриот млад презентер на научна содржина. Рокот за аплицирање е отворен од утре (15 јуни) до 15 јули на полноќ.

– Ги повикуваме сите основци да нè восхитат со својот глас и со своите презентерски вештини. Покажете ни колку интересно и оригинално може да звучи презентација на една содржина поврзана со наука и влезете во трката за новата награда за најдобар млад презентер – велат организаторите.

На повикот може да учествуваат сите ученици од основните училишта во Македонија. Видеото треба да биде долго најмногу 5 минути. Учениците треба да снимаат: 1) свој текст со научна содржина; 2) научен концепт; 3) научен експеримент; 4) приказна за својот омилен научник; 5) осврт за книга со научна или научно-фантастична содржина; 6) репортажа од научен настан; 7) оригинална замисла за презентација поврзана со наука. Материјалот треба да се испрати на мејлот: [email protected] со основни податоци: име и презиме, одделение, училиште, град и телефон за контакт.

Најдобриот презентер ќе биде избран од стручна комисија во која ќе членуваат истакнати новинари и научници. Наградата е во вредност од 500 евра и ќе биде доделена за време на третата конференција „Наука за деца“ (18-19 октомври 2024). Дополнително, наградениот ќе добие и можност за менторирање од страна на наши врвни новинари. Тој или таа ќе може да се запознае со новинарската работа и да ги продлабочи своите презентерски способности, со тоа што ќе биде вклучен(а) во редакцијата на наш познат медиум.

Александар Стиков (1947-2023) е доајен на македонското спортско новинарство. Како новинар, репортер и уредник, тој целиот свој работен век го помина во Македонското радио. Со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја, и со преку 2.000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.

Известуваше од седум Олимписки игри, безброј фудбалски натпревари, кошаркарски, ракометни, одбојкарски мечеви, а пренесувал и натпревари во бокс, борење, атлетика, хокеј, кајак, зимски спортови… Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма „Спорт, музика, спорт“. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои и престижниот трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.

Сподели