„Иванов“ на МНТ собра најмногу награди, „Црна дупка“ на Струмички театар – најдобра претстава на „Чернодрински“

Наградите ќе им бидат врачени вечерва на свечена церемонија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во 19.30 часот, а во чест на наградените ќе настапат Добрила и Дориан дуо. Вечерва ќе биде соопштена и наградата од публика, што се воведе годинава, по пауза од повеќе години.

Награда за уметничко остварување на претставата во целина освои „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на театарот „Антон Панов“ од Струмица на 58. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што денеска завршува во Прилеп. Меѓународното жири во состав Марина Миливојевиќ-Маѓарев (претседател) и Марина Катниќ Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ, членови, на македонските јазик ги соопшти наградите на недешната прес-конференција. Струмичката претстава доби уште две награди – и тоа за главна машка улога за Васил Михаил за улогата на Силјан и за женска епизодна за Анкица Бенинова за улогата на Сања.

Претставата „Иванов“ од Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, а продукција на Македонскиот народен театар од Скопје освои дури седум награди. Тоа се:

– Награда за режија – Зоја Бузалковска;
– Награда за главна женска улога – Дарја Ризова за улогата на Саша;
– Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ – Ѓорѓи Јолевски за улогата на Лебедев;
– Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ – Григор Јовановски за улогата на Љвов;
– Награда за сценографија – Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска;
– Награда за кореографија и сценски движења – Александар Зарапчиев, инструктор за техника на качување и движење на карпа и Нина Деан;
– Награда за рекламен материјал – Зоран Кардула.

Ова се останатите награди на фестивалот.

– Награда за музика – Ристо Вртев за „Дупло дно“ на Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
– Награда за костимографија – Симон Мачабели и Раде Василев за „Едвард Втори“ на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во копродукција со Драмски театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија.
– Награда за современа сценска драматизација и адаптација – „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци – Скопје.
– Награда за современ драмски текст не се доделува.
– Награда за млада актерка – Јована Миладинова за Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори“- Театар „Јордан Хаџи Контантинов – Џинот“ Велес и Драмски Театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија.

Жирито додели и специјално признание за колективна актерска игра на ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани од Народен театар Битола.

– Сакаме да искажеме задоволство поради можноста да видиме разновидни театарски поетики и жанрови што покажува богатство на продукцијата на современиот театар во Македонија. Посебно сакаме да го нагласиме големиот број на актерски креации на сите генерации актерки и актери. Значајна вредност на фестивалот е инспиративниот театарски амбиент, каде клучен придонес даде публиката. Се заблагодаруваме на целата организација која ни овозможи ваков театарски настан, а посебно тука ги истакнуваме волонтерките и волонтерите – рече актерката Варја Ѓукиќ.

Сцена од „Црна дупка“

Марина Миливојевиќ-Маѓарев истакна дека претставата „Црна дупка“ има хармоничен однос кон сите елементи на претставата – сценографијата одговара на стилот на претставата, глумата е усогласена со стилот, режисерската е јасна, но не е наметлива, и тоа што е значајно што актерите беа многу професионални и не им влијаеа техничките проблеми што ги имаа. Тие многу одлучно ја водеа својата претстава. Тие покажаа дека ја сакаат својата претстава. И многу е важно да се посочи дека играа дело според авторот во фокус.

Наградите ќе им бидат врачени вечерва на свечена церемонија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во 19.30 часот, а во чест на наградените ќе настапат Добрила и Дориан дуо. Вечерва ќе биде соопштена и наградата од публика, што се воведе годинава, по пауза од повеќе години.

Насловна фотографија: Сцена од „Иванов“

Сподели