Новата веб-страница researchnet.mk ќе биде претставена пред научната и пошироката јавност утре, во 16.30 часот во живо, на фејсбук-страницата на Кантарот.мк. Станува збор за иницијатива на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања на УКИМ, наменета за истражувачи кои се заинтересирани за соработка со научници родум од Македонија, кои работат надвор од границите на земјава.
– Идејата е researchnet.mk да стане простор каде што македонските научници во странство ќе можат да ги објавуваат своите истражувачки интереси, вештини и области на експертиза за да се поврзат со потенцијални соработници од Македонија – велат од Центарот.
Проектот ќе го претстават членовите на тимот на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања.





