Проблемите во МИГ почнаа со второто полугодие, кога учениците од сите три генерации губеа настава по стручните предмети, зашто не беа регулирани договорите за ангажман на истакнатите стручни лица што ги предаваат овие предмети
Една од професорките се враќа на часови во Математичкото-информатичката гимназија во Скопје по увидот на Државниот просветен инспекторат во училиштето. Талентираните ученици од МИГ вчера имале средба со министерот за обраозвание и наука, Јетон Шаќири и веруваат дека проблемите ќе се надминат. Тие продолжуваат и денеска со бојкот на наставата само на еден предмет, за кој тврдат дека им го предава несоодветен професор.
Проблемите во МИГ почнаа со второто полугодие, кога учениците од сите три генерации губеа настава по стручните предмети, зашто не беа регулирани договорите за ангажман на истакнатите стручни лица што ги предаваат овие предмети. Откако беше објавен јавен повик и беа избрани предавачите, талентираните ученици почнаа со бојкот на наставата тврдејќи дека на дел од компетентните наставници не им е продолжен ангажманот, а дел од избраните не се соодветни да им предаваат. Директорката на МИГ, Јулија Гајдаџиева, тврдеше дека сè е регуларно, а учениците се манипулирани, додека родителите им дадоа поддршка на своите деца, излегоа на протести пред МОН и бараа оставка од директорката.
За тековната состојба во гимназијата, од МОН за Умно.мк велат дека Математичко-информатичката гимназија е основана со посебен Закон за МИГ и врз основа на неговите одредби и на одредбите од Законот за средното образование, ова државно средно училиште функционира и ја организира работата.
– Се работи за релативно ново училиште, така што го цениме придонесот на секој кој има намера да помогне во развојот и унапредувањето на работата на оваа образовна установа. Државниот просветен инспекторат направи увид во постапката за избор на стручни соработници во училиштето, кои беа одбрани преку последниот објавен повик, изготвен е записник и се очекува по доставувањето до училиштето, директорката да постапи во согласност со насоките – велат од МОН.
Неофицијално, по направената инспекција од ДПИ се направени нови рангирања на кандидатите, со што се вратени професори на кои првично договорите не им беа продолжени. Дела од ангажитните професори се прерасшределени да предаваат други предмети.
– Вчера бевме на средба со министерот и му ги споделивме проблемите. Сметаме дека нè разбра и дека е отворен за соработка – велат средношколците.
По новите рангирања и избор на професори, учениците се враќаат на целосна настава со исклучок на еден предмет за кој продолжува бојкотот. Денеска се очекува и состанок на Советот на родители во МИГ.