Сакам и знам дека можам да работам научни истражувања во Македонија

Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања при УКИМ го гледам како некоја сублимација, кондензација на квалитет кој ќе овозможи да се создадат приоритети за државата, вели проф. д-р Никола Стиков

Пандемија на ковид-19, наука и неколку случајни средби беа основа за формирање на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Поттикнат од неколкумина ентузијасти, научници од Македонија кои работат во странство, целта на Центарот е да овозможи афилијација кон УКИМ и развој на проекти од кои придобивка ќе имаат сите. Во моментот, членови на бордот се проф. Никола Стиков, од Институтот за биомедицинско инженерство на Политехничкиот универзитет на Монтреал, Канада, проф. Јадранка Стојановска од Медицинската школа „Гросман“ во рамките на Универзитетот „Њујорк“, САД, проф. Розита Димова од Одделот за јазици и култури при Универзитeтот „Гент“ во Белгија и проф. Петар Поповски од одделот за електронски системи при Универзитетот „Алборг“ во Данска. Пред неколку месеци Центарот беше промовиран на хибридна конференција во УКИМ, во рамките на денот на науката.

Стиков објаснува дека сè почнало пред две години, кога светот се затвори поради пандемијата. Сите затечени на местото каде се наоѓале во моментот, почнале да се среќаваат онлајн на Зум. Секоја среда научници дебатирале на различна тема во склоп на иницијатива што ја нарекоа „С(ц)иеста“. Меѓу првите бил и Ордан Чукалиев, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна.

Проф. д-р Никола Стиков

– Неколку месеци подоцна тој стана проректор за меѓународна соработка на УКИМ. Тоа се тие моменти што се комплетна случајност. Чукалиев знаеше дека постои оваа група, па заедно со Валентина Гечевска, проректорка за наука ми пријдоа и ми рекоа: „Да направиме нешто. Сакаме да го дигнеме рејтингот на УКИМ“. За мене тоа беше одлично, по долги години вонинституционално дејствување да се обидеме да бидеме партнери на некаква институција во Македонија. Убавото е што ни беше дадена голема слобода во осмислувањето како ќе функционира Центарот – објаснува Стиков.

Да се избегнат административните лавиринти

Целта е да им се обезбеди на нашите научници во странство афилијација со УКИМ, а да не мора да минуваат низ комплицирани лавиринти. Голем дел од нив студирале тука и веќе имаат врска со УКИМ. Во тек е создавање на мрежа на алумни, привлекување на научници кои би сакале да дадат свој придонес во развивање на Центарот.

– Таа култура сме ја имале во минатото, со самопридонес, работни акции, ама некако се изгуби во 90-те. Но, луѓето во нашето опкружување сфаќаат дека ова е доброволен напор, резултат на комплетна случајност. Да не се случеше пандемијата, тешко ќе се нафатев на вакво нешто. Да не беше Чукалиев проректор тешко дека УКИМ ќе ја оствареше таа врска. Но, ете, се склопија коцките. Сега прашањето е како понатаму – вели Стиков.

За него основната мотивација е да има начин да работи истражувања во Македонија. Ако Центарот ги исполни своите цели, рејтингот на УКИМ ќе порасне сам по себе. Индиректно, и тоа е дел од мотивацијата.

– Јас сакам и знам дека можам да работам истражувања во Македонија. Но, потребен ми е интердисциплинарен тим, доктори, инженери, физичари. Знам дека имаме добри луѓе во странство кои се квалификувани за ова и сакам да имам пристап до добри, по можност најдобри студенти. Мојот прв докторанд (во Монтреал) е од УКИМ. Тој во моментот повторно живее во Македонија. Тоа е супер. Целта е да се обезбедат светски услови за оние кои сакаат да работат наука во Македонија, а ако сепак решат да одат во странство, да не го доживуваат тоа како бегање или иселување. Јас сè уште не се доживувам како иселен од Македонија – објаснува Стиков.

Идејата во суштина е наши професори да препознаат дека има добри луѓе во Македонија, дека треба да имаат поголема соработка, да регрутираат студенти, да бидат нивни ментори, ко-ментори и така да се создадат неколку гранки кои можат да бидат забележливи во светски рамки. Според Стиков, на УКИМ и на Македонија им треба стратегија.

– Имаме факултети за секоја гранка во Македонија, но невозможно е да се очекува дека земја со 2 милиона народ ќе има успешни истражувања во секоја од нив. Овој Центар го гледам како некоја сублимација, кондензација на квалитет кој ќе овозможи да се создадат приоритети за државата. Ако успееме да создадеме истражувачка програма поврзана со магнетна резонанца, тогаш магнетната резонанца станува стратегиски приоритет на државата. Се надевам дека ќе создадеме неколку такви стратегиски приоритети преку професорите афилирани со Центарот – вели Стиков.

Центарот е замислен како мобилен дел во рамките на УКИМ. Сепак, Универзитетот е комплексна институција, оптоварена со администрација. И покрај својата автономност УКИМ е врзан со државата која финансира најголем дел од неговите активности. На прашањето колку овој аспект би влијаел на мобилноста, Стиков објаснува дека кога го подготвувале статутот на Центарот, се обиделе да овозможат голема слобода во смислувањето на стратегиите.

– Полесно е да се биде мобилен ако не зависиш од пари. Ако чекаме државата да го финансира Центарот, ќе се заглави во бирократија и разбирливо е – така функционираат државни институции. Центарот не бара пари, за сметка на тоа бара академска слобода. Технички Центарот е некој виртуелен систем – ако видиме дека нешто во моментот го блокира, тие професори можат да продолжат да комуницираат меѓу себе, ништо не ги спречува. Првата цел е да се донесат странски грантови, финансии што ќе овозможат да пркнат неколку истражувачки иницијативи. Ако дојдат пари од странство, ќе има еден момент кога ќе треба да одлучиме како тие ќе се менаџираат. Во моментот, не можам дури ни да замислам што тоа ќе значи. Моја прва цел е да имаме неколку афилирани професори, да добиеме неколку грантови, па потоа оние другите проблеми се веројатно „проблеми“ што сакаш да ги имаш – вели Стиков.

На Македонија ѝ е неопходна интердисциплинарност во високото образование

Друга добра страна на Центарот е што ќе овозможи интердисциплинарност која со години им е неопходна на студентите и професорите на УКИМ. Стиков објаснува дека има слобода постојано да ги менува предметите што ги предава. Држи предавања и на Електрофакултет и на Биомедицински институт.

– На „Стенфорд“ сум бил асистент на 15 различни предмети, професор-инструктор на два предмета, сега на Универзитетот во Монтреал предавам два до три предмети. Тоа треба да се донесе во Македонија. Не е важно кој предмет го држиш, туку каде ти се истражувачките интереси и дали имаш соработници со кои ќе можеш да ги спроведеш.

Таа интердисциплинарност ќе се роди органски затоа што ние немаме уште еден професор, електроинженер што развива технологии за магнетна резонанца. Ама имаме неколку добри комплементарни профили кои можат да соработуваат. И тука е зародишот, тоа што се надевам дека ќе биде прифатено како модел за соработка и научни истражувања во Македонија – објаснува тој.

Професорите од странство би биле ко-ментори, а главниот ментор сепак би бил професор на УКИМ. Стиков вели дека овој партнерски модел одлично функционира во светот, а добар е и за студентите и за професорите.

– Лично моите интереси се повеќе насочени кон студентите. Важно ми е да имам добри студенти затоа што мојата работа ќе напредува ако имам добар кадар. Така ќе напредува и останатиот научно-истражувачки кадар од Македонија – додава тој.

Во моментот целта е да најдат финансиска поддршка и да вработат администратор во Центарот кој ќе може да аплицира на грантови и повици за кои се квалификувани. Македонија може да биде партнер на многу европски и американски грантови.

– Кога ќе има кој да ја организира/координира логистиката, ние сме тука да помогнеме со пишувањето и со осмислувањето на идеите. Но, во основа ни треба многу добар администратор. Ако најдеме ваков човек, кој има искуство, добро пишува, знае како се работи со грантови, тоа би било најубавиот момент. Ќе видиме колку тоа може да се спроведе. Во Македонија сум до средина на годинава и можам да се посветам на Центарот. Верувам дека ќе придонесат и алумните на УКИМ, да собереме донации од наши луѓе во странство кои секогаш се прашувале како може да придонесат – вели Стиков.

Веќе почна промоцијата на Центарот во пошироката јавност. Кон крајот на декември се одржа првата јавна „С(ц)иеста“ која имаше одличен одзив.

Сподели