„На грбот на неповратот“ – нова поетска книга на Владо Јаневски

Деновиве од печат излезе „На грбот на неповратот“, поетската книга на писателот Владо Јаневски во издание на Агенцијата за иселеништво. Јаневски е автор и на корицата. Осврт кон делото напиша Жељко Буклијаш, хрватски поет, антологичар и водител на манифестацијата  „Утро на поезијата“ во Загреб.

Книгата поезија „На грбот на неповратот“ на Владо Јаневски е поделена на пет циклуси со вкупно дваесет и две песни, напишани во слободен стих. Циклусите, секој за себе, живеат свој живот, но со разни алки и ликови се поврзани еден со друг и така полека ни ја раскажуваат приказната и ја прават книгата една заокружена целина. Стихот е кус, најчесто се состои од два или три збора. Не е тоа заради краткиот здив, туку заради начинот како да се изговорат нешта што, по долго промислување, му се кажуваат на сопатникот, на мачорот или, во крајна линија,  на својата сенка, а тој начин е во склад со ритамот на тапанот, зурлите и гајдите на едно мало место. Таквиот свој начин на говорење низ стихови, Јаневски морал сам да го измисли, освен ако не прифатиме дека тој стих веќе го имал во крвта „пробивајќи го јајцето одвнатре“, т.е. од самото раѓање. Ритамот е основната сила на стихот и речиси е невозможно да се објасни, но поетот треба да го чувствува и да го развива тоа свое чувство.

Во циклусот песни „Го кршам јајцето одвнатре“ се поставува сцената на која се одвива приказната: мало место и неговите преостанати жители, главно старци, на кои гласник пред црквата им донесува полна торба чудесии и во која има за секого по нешто. Гласникот можат да го видат само верниците, додека паганите го слушаат само тупотот и се обидуваат да ја проникнат судбината. Судбината за која сме свесни не се прифаќа, па макар и безнадежно да се бориме против неа. Црн мачор што ќе помине преку патот кај повеќето народи е злокобен знак, но тоа не го загрижува поетот, тој ќе го нахрани, ќе му даде име Хаику и ќе напише збирка песни како исповед, не пред Бога, туку токму пред тој црн мачор… Името Хаику ја рефлектира мистичноста и загадочноста што ја отсликува мачорот и поетската форма хаику, којашто ја одразува длабината на нашите емоции и ја поврзува со природата околу нас, а која ни е дојдена од Далечниот Исток, впрочем како и многу други работи поврзани со духот.

Во циклусот „Додека се гледам во скршено огледало“ поетот навлегува во зачмаеноста на малото место, коешто никако не може да излезе од  маѓепсаниот круг на несреќи и да го истера врагот од својата средина. Да се молат, да баат или цркви да градат, се прашуваат мештаните откако во зурли дувале и во тапани чукале и изморени одат на спиење. Да се обидат да сторат нешто друго не можат, зашто не сакаат да чујат нешто ново, туку прават деца што ќе бидат посреќни и ќе живеат подобро од нив. Тие деца – најчесто заминуваат во светот во потрага по подобар живот. Како што Тургењев, Достоевски,  Гогол, Бродски, Цветаева и многу други писатели заминувале во странство и таму долго работеле на своите најдобри дела, така е и со самиот Јаневски. Оддалеку многу подобро се гледа што сме оставиле и што тоа ни значи или како што вели Мајаковски во еден свој напис: „за правење поетска ствар неопходна е промена на местото или времето“ и понатаму „доколку е стварта или настанот поголем, дотолку и растојанието на кое мора да се оддалечиме ќе биде поголемо“. Авторот, кој и самиот е сликар, многу добро знае колку треба да биде оддалеченоста од објектот што се слика.

Циклусот „Изгубен во пејзаж наречен загрижено лице“ ни носи сеќавања на таткото на кого сè потсетува, дури и сопатникот во возот, и размислувањето за смртта и минливоста што доаѓа во моментите додека се пере облека по мајчините напатствија. Смртта е еден долг процес на размислување за минливоста, но треба да се живее, зашто нема многу време за жалење. Меѓу два стиха се наоѓа процеп низ кој може да се премине од другата страна на јавето, да се дојде до таткото и со него да се разговара, низ сон или низ процеп, а Јаневски ги знае и двата јазика – и како да се сонува и како да се напишат стихови, а да го имаат тој премин во светот на чудесното, непознатото.

Циклусот „Остатокот од денот“ ги третира облиците на самотијата. Во самотијата се сеќаваме и мислиме на мајката, за што мораме да разговараме со некого. Во недостиг на друштво, зборуваме со својата сенка, оддалечувајќи се така од реалноста; разговараме со самотијата гледајќи фотографија создадена од самата самотија за спомен и долго сеќавање. Чувството на самотија задушува додека шетаме низ малото место,  сретнуваме старци и обиколуваме гробишта каде што коза ги брсти остатоците од денот. Во меаната пак, пијаница советува како да не се умре: „треба само да се стават рацете под глава и да се замисли друг живот и друго место.“ Сето тоа создава чувство на неприфаќање. Стануваме туѓинци на своето. И, се разбира, се потсетуваме на „Остатоците од денот“ на Казуо Ишигуро.

Во последниот циклус „Далечината ме прелажа“ оддалечувањето е сè поголемо. Деновите се чинат како стадо од кое секој ден се губи по една овца и останува само желбата да се помине барем уште една пролет во малото место. Кој заплакал читајќи го крајот на поемата „Новогодишна“ на Марина Цветаева, во која таа се збогува од Рилке и кој заплакал читајќи го Епилогот на романот на Дарко Цвијетиќ „Шиндлеровиот лифт“, сигурно ќе заплаче читајќи ја песната „Тајно потајно најтајно“, каде поетот ги остава сите свои работи зад себе и тргнува на пат со татковиот стар велосипед само за да не помисли мајка му дека повторно си заминува:

Владо Јаневски е роден е во Прострање, Македонија. Високо образование стекнал на УКИМ во Скопје. Член е на ДПМ. Живее во Сиднеј. Автор е на романите за возрасни: „Кој го уби Едгар Алан По“, „Смртта не е крај“, „Мртвите знаат најдобро“ (награда Пегаз за најдобар роман во 2020 г.), „Чудо зад аголот“, „Под друга капа“, „Made in Jabana“; поетската збирка: „На грбот на неповратот“; збирката наградувани раскази: „Нема враќање“; книгите за деца: „Палавковците Влатко и Емче“, „Луѓето и змејовите“ (наградена бајка). Автор е и на редовниот стрип „Палавковците Влатко и Емче“ во „Колибри“, во весникот „Нова Македонија“. Се занимава и со сликарство, учествувал на ликовни колонии во Македонија. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји во светот.

Сподели