Македонија и меморијата – главна окосница на делата наградени со „Гоце Делчев“

Проф. д-р Роберт Хадсон и проф. д-р Иван Додовски за делото „Долга транзиција на Македонија: од независноста до Преспанскиот договор и потоа“, како и д-р Ана Мартиноска и м-р Жарко Иванов за делото „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“ – од архивските материјали на Васил Хаџиманов вчера ја примија државната награда од областа на науката „Гоце Делчев“. Свеченоста се одржа во Собранието на Македониј, а се доделува за значајни остварувања во интерес на државата во областа на науката.

Пред присутните се обрати Елван Хасановиќ, раководителка на Секторот за наука и иновации при Министерството за образование и наука, која рече дека достигнувањата во науката и технологијата фундаментално го менуваат начинот на живот на луѓето. Таа рече дека со наградата „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на државата.
Иако различни по својот жанр, јазик, подрачје и идеја, двете наградени изданија имаат главна окосница во „два фундаментални и за нас секогаш актуелни поими, Македонија и меморија“, истакна Ана Мартиноска.

– Уважувањето на овие дела со наградата „Гоце Делчев“, не е само потврда на нивните академски квалитети, туку и признание за трансформативното влијание што науката го има во обликувањето на разбирањето за Македонија дома и во светот. Таа не само што ги надополнува постојните празнини во објаснувањето на настаните и процесите во државава, туку поставува основа за понатамошни длабински и интердисциплинарни истражувања, подвлече Мартиноска.

Обраќање имаше и претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“, академик професор доктор Љупчо Коцарев, кој им ги додели наградите на добитниците.

Сподели