Театарот како трескавична потрага по Бога

(далеку од рецензија, близу до белешки од еден неуреден дневник)

Пишува: Александра Јуруковска

По гледањето на „Дух који хода (Прометејев пут)“ (Духот кој оди – Прометеев пат) на Д. Дуковски и А. Поповски, на Српско народно позориште (Нови Сад) во копродукција со Центарот за визулени уметности.

Неколкудневниот престој во Нови Сад го заокружив со одење во театар. Бев пресреќна што по неколкуте набиени денови (да се види што повеќе, а притоа да се ‘издржат’ и желбите на две деца), успеав да најдам време за себе и за мојата голема љубов – Театарот. Ова е наш состанок, за Твојот ден (27 Март – Денот на театарот) – си зборував трчајќи кон влезот на зградата на точно пет минути пред почеток. Зградата на СНП е веднаш до Успенската црква или до нејзината камбанарија. Претставата почнува кога завршува Вечерната литургија.

Дали беше заморот во мене, дали возбудата што гледам претстава од наши автори, дали чудесниот шарм на Нови Сад и неговите величествени храмови, присуството на некое смирение по посетата на Фрушка Гора и неколкуте манастири таму, но „Духот кој оди“ ме распарчи на милион мали парчиња (себе)познание.

Текстот на Дуковски е одличен, полисемичен. Слоеви и слоеви значење низ динамични дијалози и силни реплики. Главниот лик Александар Мара (го толкува Ненад Печинар) е банкротиран Шекспиролог (можеш ли ти тоа ‘твоето’ да го продадеш, понудиш некаде?). Тој е човек кој во граничните ситуации го употребува своето тајно оружје – хипнозата или цитат од Хамлет. Сè додека не сфати дека и самиот е Хамлет. Тогаш решава да ја земе судбината во свои раце и да се избори со трулиот систем. „Ако нема систем, јас ќе бидам систем“ – вака некако гласи неговото мото кога тргнува во борба против светот (на капитализмот?). Мара започнува да убива: лихвари, должници, луѓе кои го поткопуваат системот, оти верува дека некој мора да го уништи ‘сето базично зло’. Мара е и главниот лик од култниот филм „Таксист“, но тој е и Прометеј и Дон Кихот и Луда Мара во исто време (а зошто не и Мара Сад?). Текстот е авторефлексивен и автореференцијален, дејството црпи цитати и од Шекспировиот „Хамлет“ и од ставот на Шекспир дека целиот свет е сцена. Потсетува и на прецизната вивисекција на падот на општеството преку падот на семејството/домот во „Диво месо“ од Горан Стефановски, во култното режисерско читање токму на Поповски (Драмски театар Скопје, 2000).

„Духот кој оди“ е драмата што осцилира од крвава фарса до психодрама, од трагизам (на ликот) до пародија на светот во кој тој живее, заедно со сите нас.  Репликите, исто така, функционираат на повеќе рамништа. Таков е и хуморот, препознатлив за стилот на Дуковски. Тоа е интелигентен хумор, многу повеќе од пцовка, многу повеќе од гола вистина дека „светот е отиден во к…“; многу повеќе од спасоносниот и оптимистички рефрен во еден од сонговите (парафразиран): „кажи ни Мара како да им е…. матер“. Во „Прометеевиот пат“ смеата доаѓа од гробот, дури и во буквална смисла во една од најмоќните сцени.

Режијата на Поповски ја следи мислата на Дуковски. Фрагментирана, на моменти поетска и мелодраматична, таа осцилира меѓу гротеската, пародијата и трагедијата. На трагедијата ѝ е даден привиден среќен крај, најтешките моменти се изнесуваат преку кабаретски елементи, преку пораки испеани како сонгови. Ова е претстава и за моралот и за поединецот во (а)моралниот свет. Сценографијата е минимална, неколку дрвени преносни сандаци што имаат различна функција и се во служба на дејството и пораката. Од дом/куќа до гроб, а помеѓу нив – свет што се руши во домино ефект.

Актерската екипа е усогласена, игра со леснотија и јаснотија. Претставата на сцената СНП во Нови Сад се игра од 2015 година. „Духот кој оди“ е и наградувана претстава, за речиси сите сегменти. Во 2015 година ја доби наградата за најдобра претстава на Фестивалот „Скупи фест“ во Скопје.

Претставата завршува, публиката (околу педесетина луѓе) ги наградува актерите со долг аплауз. Во главата уште долго ми одѕвонуваат изговорените реплики и одиграната тишина меѓу нив.

Што ли би правел Прометеј во денешно време? Каков ли оган треба да најде и да му подари на човештвово? Кои се боговите што ќе го казнат? Главниот лик многу сугестивно вели: „Ништавилото е новиот Бог. Единствното нешто од кое треба да се плашиме е самиот страв“.

Излегувам од СНП. На објектот на театарот поставена е светлосна инсталација – на бескраен кајрон се испишани имињата на жртвите од НАТО бомбардирањето од 24 март 1999. Погледнувам зад објектот и ја здогледувам величествената новосадска Катедрала. Во темнината, во спротивен правец се распознава и раскошната Синагога. Поминувам зад камбанаријата на православната  црква и влегувам во темен сокак, не далеку од куќата каде што некогаш живеела Милева Ајнштајн, а претстојувал и нејзиниот славен сопруг. Тука зад аголот има уште една црква, Николајева, таму се крстени двата сина на генијот.

И сцена и театар и живот. Никако ништавило.

Сподели