Денеска почина Илија Аџиевски, доајенот на македонската ликовна уметност. Имаше 96 години. Погребот ќе се одржи утре (25 октомври) во 14 часот, на градските гробишта во неговата родна Струга.
Аџиевски велеше: „Највредното во животов е човек од себеси да создаде слободна личност, затоа што слободата ќе му овозможува моќ во неговото творештво“. Овој пиетет кон слободата веројатно влечеше корени од неговото тешко детство, или од неговата младост кога животот честопати го препкал, или пак по двете години поминати на Голи Оток.
Илија Аџиевски се вбројува во повоената генерација ликовни уметници од Македонија. Роден е во Струга на 22 декември 1926 година. Шестчленото семејство живеело во голема сиромаштија. Основно училиште завршил во Струга во 1938. Образованието го продолжил во Дебар во Економското училиште. Во 1942 година се вклучил во младинското движење за отпорот против фашизмот. Во 1946 година се запишал во тогашното художествено училиште во Скопје кај професорите Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и останатите основоположници на македонската современа ликовна уметност.
Во 1949 година се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград во класата на професорот Лојзе Долинар. Една година подоцна се префрлил на Академијата за ликовни уметности во Загреб, каде дипломирал во класата на професорот Фране Кршиниќ, 1954 година.
Две години бил заробеник на Голи Оток. Таму, неговата снаодливост и уметничката способност успеваат да го спасат од секојдневните макотрпни физички тортури и да го стават во функција на неговиот „занает“. „Портретот од Голи Оток“ кој го направил од пресуван леб е доказ за неговиот дух кој не се предал на предизвиците на времето, кога уметничката креација, дури и по цена на гладување, била лек и бегство од реалноста.
По враќањето во Македонија Аџиевски бил на студиски престои биле во Грција, Турција, Италија, Франција и во Египет. По завршувањето на академијата почнал да живее и твори во Скопје како слободен уметник. Од 1956 година тој е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Во својот работен век има создадено голем број споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности и негови пријатели, како и статуети во помал формат. Излагал на голем број самостојни и групни изложби, а добитник е на голем број признанија и награди. До последниот ден живееше и твореше во Скопје.
Фото: Маја Аргакијева





