Илија Аџиевски – генијалниот ум кому среќата не му била секогаш наклонета

Дека слободата навистина му овозможила моќ во неговото творештво, публиката ќе може да се увери вечерва во 19 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје на отворањето на неговата изложба „Портретот во фокус“

„Највредното во животов е човек од себеси да создаде слободна личност, затоа што слободата ќе му овозможува моќ во неговото творештво“, вели скулпторот Илија Аџиевски. Овој пиетет кон слободота можеби влече корени од неговото тешко детство или од неговата младост кога животот честопати го препкал, или по двете години поминати на Голи Оток или од многуте лета што ги носи на своите плеќи. А дека слободата навистина му овозможила моќ во неговото творештво, публиката ќе може да се увери вечерва во 19 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје на отворањето на неговата изложба „Портретот во фокус“.

Преку моќните раце на Аџиевски вечерва ќе се најдете очи в очи со Петре Прличко, Горан Стефановски, Анте Поповски, Георги Шоптрајанов, Михаил Ренџов, Никола Кљусев… Пред присутните ќе се обратат директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, кураторот Ана Франговска, виш кустос во галеријата и д-р Јелена Лужина, писателка и поранешен професор на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во понеделникот појдов на училиште…

Со своите 95 години Аџиевски се вбројува во повоената генерација ликовни уметници од Македонија. Роден е во Струга на 22 декември 1926 година. Шестчленото семејство живеело во голема сиромаштија. Основно училиште завршил во Струга во 1938. Аџиевски и денес зборува на симпатичен струшки говор. Образованието го продолжил во Дебар во Економското училиште. Во 1942 година се вклучил во младинското движење за отпорот против фашизмот. Во 1946 година се запишал во тогашното художествено училиште во Скопје кај професорите Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и останатите основоположници на македонската современа ликовна уметност.

…Во понеделникот појдов на училиште. Таму го видов проф. Коџоман. Ми рече: „Илчо, примен си за ученик во училишчево и то работата ти е оценета со одлична оценка“. Така ја станав ученик во Средното художествено училишче. Почнав да влегвам во реализација на мојот сон, во мојте мечтаени дни. Мојата животна желба почнав да ја реализирам. Тога се сетив на зборојте од татко ми: „Ило, во училиште че сретниш ученици кој че бидат помлади и ученици дојдени од гимназија. То да не те плашит, со работа се че постигниш. Само че требит малу појче да се испотиш“… вели авторот во неговата книга „Спомени“.

Во 1949 година се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград во класата на професорот Лојзе Долинар. Една година подоцна се префрлил на Академијата за ликовни уметности во Загреб, каде дипломирал во класата на професорот Фране Кршиниќ, 1954 година.

Две години на Голи Оток

Според Ана Франговска, во македонската уметност на 20 век постојат примери (за среќа ретки) на ликовни уметници кои не го добиле своето заслужено место во историографијата и антологиите поради одредени околности или несреќни состојби што го следеле нивното формирање, развој или стабилизирање на актуелната ликовна сцена.

Илија Аџиевски и Ана Франговска

– Еден од таквите генијални умови, кој не бил следен од голема среќа во животот и творештвото, а бил и бунтовен по природа и не сакал да потклекнува под ничии наложувања е Илија Аџиевски… Времето што го минува на Голи Оток, како и за секој кој ја минал таа голгота, е време кое сака да го заборави, но постојано му се навраќа. Ако не во секојдневието тогаш насон, како кошмар, како доживување кое не му го посакуваш ни на најголемиот непријател. „А таму газиш по камења, по мермерни камчиња, а нозете ти стануваат ренде, тече крв, а на крајот те дават в море, т. е. во буре со морска вода, додека не изгубиш здив“, има изјавено самиот за тие денови… – вели Франговска.

Сепак, неговата снаодливост и уметничката способност успеваат да го спасат од секојдневните макотрпни физички тортури и да го стават во функција на неговиот „занает“. „Портретот од Голи Оток“ кој го направил од пресуван леб е доказ за неговиот дух кој не се предал на предизвиците на времето, кога уметничката креација, дури и по цена на гладување, била лек и бегство од реалноста.

Портретите како специфичен жанр

Во вечерашната поставка ќе бидат изложени портрети кои за Аџиевски отсекогаш бил многу специфичен жанр, во која било ликовна дисциплина или медиум.

– Тој не подразбирал само добра занаетска подготвеност и фотографско, реалистичко празно пренесување, туку значел умеење да се проникне во тајните и суштината на портретираната личност, да се одгатнат нејзините тајни, вистини, внатрешни убавини, креативност, дух, суровост, мекост итн. Во тој контекст, и пристапот на Илија Аџиевски не бил да постигне академско-реалистична сличност, туку неговата намера била да ги пренесе најспецифичните особини на личноста која ја претставува, создавајќи своевиден коментар за нејзината продуховеност – вели Франговска.

По враќањето во Македонија Аџиевски бил на студиски престои биле во Грција, Турција, Италија, Франција и во Египет. По завршувањето на академијата почнал да живее и твори во Скопје како слободен уметник. Од 1956 година тој е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Во својот работен век има создадено голем број споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности и негови пријатели, како и статуети во помал формат. Излагал на голем број самостојни и групни изложби, а добитник е на голем број признанија и награди. Живее и твори во Скопје.

Фото: Маја Аргакијева

Сподели