Досега сум имал чест да настапувам со многу диригенти, но за мене настапите со Дијана се секогаш огромна мотивација и инспирација пред сѐ поради нејзините уметнички квалитети и воопшто пристап кон музиката кој е толку природен, директен, искрен, а истовремено многу темелен и поткован.
Навистина не е лесно да се стигне до концерт во Лондон, но гледајќи ја мојата досегашна работа мислам дека се случува во вистинско време и на природен пат – после многу години макотрпна и успешна концертна дејност низ бројни престижни центри. Клучниот момент е секако промоцијата на македонската музика рамо до рамо со дела од светската литература во еден светски центар на културата, вели нашиот пијанист Дино Имери, кој утревечер ќе настпи во Лондон, во чест на 30 години од билатералните односи помеѓу Македонија и Велика Британија.
Пијанист со светски глас ја гради својата кариера полека но сигурно. Нема центар низ реагионот и пошироко каде што не настапил, а во наредниот период го очекуваат настапи и во Загреб.
Годинава ќе ја заокружите со многу настапи во земјава и во странство. Кој од нив лично за Вас и Вашата кариера ви е најзначаен?
– Во кариерна смисла секако отскокнува претстојниот концерт во Лондон, додека пак лично за мене голема радост ми претставуваше подготовката и реализацијата на мојот рецитал во големата сала на Филхармонија наречен „Ишарет”. Со нетрпение го чекам и декемврискиот концерт во Скопје каде ќе настапам со Камерниот оркестар ID и маестра Дијана Имери Илкоска. Срцето ми кажува дека ќе биде волшебна декемвриска ноќ за нас на сцената, а се надевам и за присутните. Значи, не можам да издвојам еден, но се надевам го одговорив прашањето барем приближно.

Лондон е навистина престиж и ретко кој наш уметник концертира во таа метропола. Како се случи овој настап и што ќе биде клучниот момент на концертот?
– Навистина не е лесно да се стигне до концерт во Лондон, но гледајќи ја мојата досегашна работа мислам дека се случува во вистинско време и на природен пат – после многу години макотрпна и успешна концертна дејност низ бројни престижни центри. Клучниот момент е секако промоцијата на македонската музика рамо до рамо со дела од светската литература во еден светски центар на културата. Во престижната сала на Кралскиот колеџ за музика ќе прозвучи делото „Корени” од Дијана Имери Илкоска, како и современите обработки на „Сербез Донка” и „Пајдушко” од Дамир Имери.
Со задоволство го најавувам и специјалниот гостин – пијанистот Ведран Јањанин со кого за прв пат ќе настапам и во пијано-дуо формација, а концертот се реализира со поддршка на нашата амбасада во Лондон и Министерството за култура по повод 30-годишниот јубилеј од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Велика Британија.
Интересно е дека во Загреб ќе свирите на раритетно пијано кое било сопственост на еден хрватски значаен уметник и педагог. Всушност, целиот настан е интересен и заради фестивалот, но и поради програмата. Кажете ни нешто повеќе околу тој концерт.
– Се работи за мое четврто гостување во Загреб, а второ гостување во престижниот циклус пијано рецитали кои се одржуваат во Државниот архив, поточно во големата читалница на Архивот, каде на едниот крај е поставена сцената и пијаното марка „Плејел“ од 1911 година. Минатиот пат кога бев дел од овој циклус имав чест и да го оставам својот автограм во внатрешната плоча од пијаното, како еден од малкумина избрани пијанисти на кои им е дозволено да настапат на овој раритетен инструмент. На тој концерт посетеноста беше огромна, а за публиката изведов дури четири биса по редовната програма. Веднаш започнаа разговорите за мое враќање, но мојата агенда не го дозволуваше тоа сѐ до сега.

Интригантен е концертот што ќе се случи на 4 декември, на кој ќе диригира маестра Дијана Имери Илкоска, вашата сопруга. Иако тоа не е битно во уметноста, сепак, какво е чувството кога сте заедно на сцена?
– Досега сум имал чест да настапувам со многу диригенти, но за мене настапите со Дијана се секогаш огромна мотивација и инспирација пред сѐ поради нејзините уметнички квалитети и воопшто пристап кон музиката кој е толку природен, директен, искрен, а истовремено многу темелен и поткован. На сцената со неа секогаш се случува еден многу автентичен флуид помеѓу музичарите, а тука мислам дека се пресудни нејзината лична ослободеност од суета или егоизам, почитта кон колегите, а истовремено претставува авторитет кој го стекнува преку работниот процес со многу искуство, учење, споделување. Секогаш имам чувство дека кај неа музиката е на прво место, а тоа чувство секако се пренесува и на публиката која реагира на оваа вибрација.
Како дојдовте на идеја да изведувате музика од Шопен и тоа за ваков состав со Камерен ансамбл?
– Секогаш е вистинско време за музиката на Шопен која ги плени сите луѓе – од вистинските љубители и познавачи, па сѐ до оние кои можеби за прв пат ќе дојдат на концерт каде се изведува класична музика. Покрај делата за соло пијано од овој автор кои ќе се најдат на програмата, одлучивме да оствариме соработка со реномираните музичари од Камерниот оркестар ID под раководство на маестра Дијана Имери Илкоска што претставува една навистина интересна, несекојдневна и раритетна можност да се проследи музиката на Шопен во комбинацијата пијано и камерен оркестар. Идејата е секој нареден концерт публиката да има можност да слушне нешто ново, нешто иновативно и нешто што ќе го понесе со себе по завршувањето на концертот, нешто што барем додека трае концертот ќе ги ослободи луѓето од нивните секојдневни стеги, проблеми, стресови. Мислам дека музиката на Шопен и изборот на уметници дефинитивно ќе успее во остварувањето на таа цел.
Tурбуленциите во културната сфера се чини дека се составен дел. Ќе заврши ли мешањето на политиката во уметноста конечно или ние никогаш нема да се ослободиме од тоа?
– Тоа нема да се случи во скоро време од едноставна причина што практично сите или барем најголемиот дел од чинителите во културата зависат директно или индиректно од државата, поради тоа што Македонија е многу мал пазар за да може еден уметник, здружение, ансамбл, оркестар и слично да може финансиски да опстои. Односот на државата, пак, кон овој сектор е многу добро познат низ годините наназад – културата е секогаш прва на список кога треба да се скрати, пренамени, модифицира.

Истовремено, на еден начин се креира слика за уметниците како вечно незадоволни и разгалени работници, иако во реалноста луѓето од културата се некои од највредните, најработливите и независни луѓе кои човек може да ги сретне и запознае, луѓе кои буквално секој ден од нивниот живот го поминуваат во неблагодарен сектор, секогаш потценети, но упорни во создавањето на еден поубав свет за сите. Ним не им треба некој да ги „доведе во ред”, туку само да им пружи рака и еднаква можност да изградат свет каде професионализмот ќе биде првата и последна буква од азбуката, а не личните познанства, семејните врски или личните интереси на поединци. Тоа секако зависи во голема мера и од силни индивидуалци и личности со кредибилитет кои упорно и неуморно ќе работат на воспоставувањето и одржувањето на таквата атмосфера.
Тешко ли е за еден концертен пијанист да опстојува во Македонија, не oд финансиски аспект, туку од уметнички? Задоволни ли сте од концертните активности?
– Исклучително тешко е да се опстои како пијанист и уметник во Македонија од секој аспект. Тоа не е мое лично мислење, туку факт кој секоја измината година станува сѐ потежок да се оспори. Можам само да појаснам дека пошироката јавност воопшто не ни знае со што сѐ се соочуваат уметниците за да ги реализираат своите идеи.
За жал, најчесто нашата средина не само што не ги стимулира луѓето да создаваат, туку ги казнува оние кои го прават тоа на многу различни и инвентивни начини. Мојата 15-годишна концертна дејност се потпира исклучиво на огромна љубов кон музиката и непресушна надеж дека, сепак, нештата може да се променат.





