Она што најмногу ме фасцинираше беше влијанието врз јазикот и како тоа луѓето почнале да користат некои фрази кои претходно или биле запоставени или воопшто и не се користеле, вели актерот Никола Настоски
„Социо-културното влијание на турските серии во македонското општество: ,Величествениот’ и ,Парампарче’“ е темата на која актерот Никола Настоски докторираше на Универзитетот „Мармара“ во Истанбул, во рамките на Академијата за радио, ТВ и кино. Настоски е еден од актерите особено посветен на независната театарска сцена и е дел од претставите на „Вондерленд театар“. За предизвикот да ја истражува оваа област, разговаравме со Настоски.
Во ноември го одбранивте докторатот на интересна тема – „Социо-културното влијание на турските серии во македонското општество: ,Величествениот’ и ,Парампарче’“. До какви заклучоци дојдовте и каков метод во истражувањето користевте?
– Да, одбраната беше во ноември, а беше како крај на едно долготрајно и макотрпно истражување. Сфатив дека добивањето докторска титула бара многу трпение и работа. Темата некако си дојде спонтано, во периодот кога заминав да студирам во Истанбул знаев дека сакам малку да застранам од театарот, а сепак да сум во уметноста, па така ова ми се виде како добро решение. Инаку истражувањето траеше скоро три години, имаше околу 1.200 испитаници, што за еден истражувач кој самостојно го водел истражувањето, е навистина голема бројка. Користев квалитативен и квантитативен пристап при собирањето и анализата на резултатите и методите кои произлегуваат од овие пристапи. Овие два пристапа го обработуваат материјалот од различни аспекти, но на крај дојдов до многу слични резултати што само го зацврстија заклучокот дека македонското општество навистина претрпува социо-културни промени под влијание на турските серии.

Тие промени можат да се забележат на јазичен, културен, социолошки, економски, кулинарски, политички и туристички план. Она што најмногу ме фасцинираше беше влијанието врз јазикот и како тоа луѓето почнале да користат некои фрази кои претходно или биле запоставени или воопшто и не се користеле, на пример: „Со помин нека е!“ – фраза која после синхронизациите на македонски јазик станува сè почесто употребувана на дневна база. Потоа, употребата на некои турцизми кои сме ги заборавиле со времето; или пак поздравот „Убав ден“ или „Со лесно“ – поздрави кои не се традиционални за нашето поднебје, но ете почнале да се користат под влијание на турските серии.
Како ја одбравте Турција за Вашиот докторат? Имавте претходна врска со турскиот јазик/култура?
– Во периодот кога решив дека сакам да продолжам на докторски студии аплицирав на многу универзитети насекаде низ светот, после неколку добиени понуди за парцијални стипендии, Турција беше единствената земја што ми понуди целосна стипендија со сè покриено, па некако одлуката да се замине таму не беше тешка. Иако селењето во Истанбул ми беше првата посета на тој град, едноставно ме воодушеви од првиот момент и еве и ден денешен ми фали тој живот, интензитетот на живеењето во најголемиот град во Европа. Инаку немав никаква претходна врска ниту со културата, ниту со јазикот.
Првата година додека бев таму учев турски и така некако се запознав и со културата, многу убав период. Таа година како да бев турист на долготраен престој, затоа што јазичната школа беше интензивна, но од друга страна нè охрабруваа да шетаме и да зборуваме турски што повеќе, па ние сите го сфативме тоа сериозно и постојано бевме по некои музеи или места што мора да се видат во Истанбул, а такви места ги има премногу. Дури и по три години живеење таму мислам дека не успеав да видам сè што требаше да се види.

Никола Настоски (фото: Кире Галевски)
Дел сте од тимот на претставата „Работи за кои не зборуваме“, како и од неколку проекти на „Wonderland theatre“ на Нела Витошевиќ. Какво искуство беше неодамнешната турнеја низ неколку градови во региониот и пошироко? Какви беа реакциите?
– „Работи за кои не зборуваме“ беше уште е еден проект кој ми е навистина драг, претстава која сме ја направиле со искреност и љубов. Пред сè заради одговорноста кон луѓето кои ги споделиле нивните лични приказни со нас, а од друга страна заради потребата за театар што пандемијата ни ја наметна со тоа што ни го одзеде правото да твориме во живо. Па, оттука турнејата со претставата беше нешто што ни дојде како тотално освежување, во месец дена имавме 6 изведби во 4 земји (Македонија – Скопје – МОТ, Битола и Штип, Србија – Белград, Полска – Радом и Босна и Херцеговина – Сараево), реткост за една македонска претстава да има ваква турнеја дури и кога нема пандемија.
Прво, нè сплоти како екипа уште повеќе, а второ ни даде можност да видиме како различни средини реагираат на една претстава која мава во многу болни точки. Секаде имавме различни реакции, но едно беше исто, тоа што и покрај различното гледање на претставата секогаш имавме позитивни коментари и громогласен аплауз. Претставата отвора прашања кои се проблеми на секое општество, па затоа сите ја доживуваат од призмата на проблемите кои се присутни кај нив. Но, турнејата е дефинитивно искуство кое му го посакувам на секој актер, навистина полнење на батерии.
„Работи за кои не зборуваме“ е деликатна претстава создадена врз основа на истражување и реални сведоштва. Беше ли тој процес покомплициран за Вас како актер?
– Уф, дефинитивно да. Работата на документарен театар бара една друга подготвеност, бара целосно соголување на сите скриени работи кои ги носиме во нас. Ќе беше многу хипокритички ако оставевме на тоа да бидат само споделените сведоштва, а ние само да се скриевме позади туѓите маки и страдања. Затоа ние решивме да се отвориме целосно самите себеси и да видиме што нас нè мачи и тоа да го изговориме гласно. Понекогаш нечии туѓи приказни се поклопуваа со ова што ние го преживуваме приватно. Ова беше процес за себесознавање и емоционално актерско растење. Навистина мислам дека сум подобар актер после овој процес, колку и да звучи тоа чудно.

Никола Настоски (фото: Кире Галевски)
Што Ве очекува годинава? На што ќе се фокусирате?
– Па се надевам дека со „Вондерленд Театар“ ќе имаме уште многу проекти кои ќе се реализираат, па ќе доаѓате во театар и ќе гледате. Но, настрана од тоа сакам малку да се посветам и на истражувачкиот аспект од уметноста, затоа што сметам дека тоа кај нас е една гранка која се потценува и не ѝ се посветува доволно внимание. Секоја чест за исклучоците, иако се ретки. Сакам да најдам некаков баланс помеѓу глумачката, истражувачката и предавачката страна на актерството како професија, во 2021 успеав некако, се надевам дека и 2022 ќе продолжам така.





