Што вели науката за палењето на дрвото Бадник

На почетокот Коледе бил поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото Сонце што значело и раѓање или обнова на животот, пишува фолклористот Марко Китевски во книгата „Македонските празници и празнични обичаи“

Православните христијани денеска го слават Бадник. Во Македонија празникот се слави различно, во различни региони. Некаде уште синоќа се палеа бадникови огнови, на други места ќе се палат вечерва. Заедничко за сите е што со Бадник се најавува еден од двата најголеми празници во христијанството, раѓањето на Исус Христос или Божиќ.

Според обичаите, денот на Бадник почнува со т.н. коледарење. Истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека на почетокот Коледе бил поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото Сонце што значело и раѓање или обнова на животот, пишува фолклористот Марко Китевски во книгата „Македонските празници и празнични обичаи“, издание на „Камелеон“ од Скопје.

– Подоцна, христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека христијаните почнале да го празнуваат денот на Сонцето, исто како паганите, свети Августин одговарал: „Ние не го празнуваме како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“ – вели Китевски.

Иако обичаите што се изведуваат на Бадник и Божиќ се разликуваат од регион до регион, некаде дури од село до село, во основа се издвојуваат неколку заеднички елементи – богата софра што се подготвува навечер за Бадник, коледарски оган со бадниково дрво, коледарење проследено со многу коледарски песни.

Трпезата за Бадник секогаш е посна, затоа што тоа е всушност последниот ден од долгиот божиќен пост. Се готват питулици, посна сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје.

– Според верувањето, целта е врз принципот на имитативната магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така, заедно со храната да остане цела ноќ. Во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божиќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани. На Бадник софрата се става врз слама за спомен на јаслите во Витлеемската пештера во која е роден Исус. Подоцна со оваа слама се врзуваат овошките со верување дека таа ќе ги штити од болести и штетници и ќе дадат богат род – пишува Китевски.

Вечерта на Бадник, во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Кога сите ќе седнат да вечераат, домаќинот ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите што добиле парче ја бараат парата. Тој што ќе ја најде се смета за најсреќен во годината што претстои. Ја ставал парата во грне или во чаша со вино од која пиеле сите за здравје и среќа. Парата ја земал тој кому му се паднала или ја давал на домаќинот, а за возврат добивал подароци.

Богати обичаи се поврзани со обредниот оган и горењето на дрвото наречено Бадник/Бадникојца. Некаде се гори пенушка од даб, некаде смрека, некаде дива круша зашто се сметало дека е најродна (раѓала секоја година). Тоа се правело за да биде родна годината.

– Во врска со палењето на дрвото Бадник и воопшто на колерадрскиот оган, во науката постојат главно две теории. Соларната се заснова врз принципот на имитативната магија, која тврди дека огнот има цел да го имитира големиот извор на енергија од небото и да обезбеди доволно светлина и топлина за луѓето, но и за стоката и билките. Примитивниот човек верувал дека на изнемоштеното Сонце кое во овој период од годината најмалку е видливо на небото и неговото дејство е со најмал интензитет, може да му се помогне со силни огнови од земјата. Според другата исцелителна или прочистувачка теорија, огновите не се во врска со Сонцето, туку со верувањето дека со нив може да се изорат сите штетни влијанија, било тие да се од природен или од демонски карактер (болви, вошки, змии, но и болести, вештици, караконџули и сл.) – вели Китевски.

Во мугрите на Коледе, децата во групи одат од врата до врата и добиваат подароци: пари, ореви, костени, јаболка. Со Божиќ е поврзана и поговорката: „Пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си“, што има двојно значење. Да се биде во кругот на семејството и наблиските, но и овој период е најсудениот од годиниата, исполнет со снежни веавици, па најбезбедно е да се биде дома.

Фото: Извор/Јутјуб

Сподели