Второто читање на предлог-измените се закажани на собраниска седница утре во 11 часот. Еден час претходно (10 часот) Македонското археолошко друштво (МАД) најави протест пред Собрание
Широко отворање врати за дивите копачи и суспендирање на институциите одговорни за заштита на културното наследство ќе донесат предлог-измените на Законот за заштита на културното наследство кое во понеделник по втор пат ќе се најде пред пратениците во Собранието, револтирано реагираат археолозите. Предлогот доаѓа од група пратеници предводени од поранешниот министер за образование и наука, Арбер Адеми. Според измените, за потребите на изградбите на коридорите 8 и 10, ако градежниците дојдат до случајно археолошко откритие, тие во рок од три дена треба да го информираат надлежниот инженер, наместо надлежната институција за заштита на културното наследство или Министерството за внатрешни работи. Инфраструктурниот Коридор 8 ја опфаќа делницата: Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан, а Коридорот 10 – делницата на автопатот Прилеп-Битола. Второто читање на предлог-измените се закажани на собраниска седница утре во 11 часот. Еден час претходно (10 часот) Македонското археолошко друштво (МАД) најави протест пред Собрание.

Д-р Сања Ивановска-Велкова
Д-р Сања Ивановска-Велкова, археолог и советник-конзерватор во Националниот конзерваторски центар вели дека со предложените измени во член 65 од Законот за заштита на културното наследство целосно се суспендира заштитната функција на државните институции за заштита културното наследство.
– Тоа значи дека на надзорниот инжинер на кого треба да му се пријави случајното откритие на движно и/или недвижно културно добро ќе му се додели одговорноста и за третман и справување со истото. Измените на законот не се експлицитни, каков е понатамошниот третман на случаното откритие: „надзорниот инжинер ќе биде известен“, работите „ќе бидат запрени“, ќе се „обезбеди случајното откритие од оштетување и уништување“, ќе се „зачува од евентуално оштетување“… и после, што? Се отвора простор за манипулација и нелегална трговија со предметите. Институциите ќе си седат со скрстени раце (со целосно одземени ингеренции), а грижата за чување и третман на културното наследство му се предаваат на еден единтсвен лик, надзорен инжењен кој нема да има ама баш никаква знаење, обука, надлежност, но и алати за грижа и заштита на случајно откриени културни добра – децидна е Ивановска-Велкова.
И во Бугарија и Србија се градеше, ама главниот збор го имаа археолозите
Дејан Ѓорѓиевски, археолог во Музејот во Куманово потсетува на скорешните последните два инцидента во кои се направи обид за легализирање на уништување на археолошки локалитети (случаите со неолитските локалитети Влахо во Пелагонија и Св. Атанасиј, кај кочанското село Спанчево).

Неолитскиот археолошки локалитет Влахо
– Последните предложени измени на Законот за заштита на културното наследство недвосмислено зборуваат дека оваа држава културното наследство го доживува како тежина, а не богатство. Во обид за што побрзо завршување на инфраструктурен проект, кој во предизборна година треба да се прогласи за најзначајна инвестиција кај нас, очигледно свесни дека постои голема можност да се најде археолошки локалитет кој ќе ги успори во градежните работи, организирано се прави легализација на уништување на културното наследство. На тој начин, се дозволува на надзорниот инженер, кој нема никакви основни познавања од археологијата, да одлучува дали еден камен е артефакт, дали некој ѕид е римски или современ. Му се дозволува тој да одлучи дали треба да се стопираат градежните работи или да се продолжи со истото темпо – а однапред знаеме дека му е од интерес што побрзо да се заврши инвестицијата – објаснува Ѓорѓиевски.

Детаљ од кратерот пронајден на некрополоата Требеништа, денес во Народниот музеј во Белград / Фото: Археолошки музеј ан РСМ
Тој додава дека и во соседните земји Бугарија и Србија имаше уште поголеми инфраструктурни проекти, но археолозите таму го воделе главниот збор.
– Им беа дадени законски овластувања со кои градежните работи се продолжија дури откако археолозите дадоа зелено светло. Кај нас, се овозможува законски да бидат избришани цели археолошки наоѓалишта, без некој да понесе одговорност за тоа – категоричен е Ѓорѓиевски.
МАД: Пратеници, разбудете се!
МАД, археолошката фела и стручните лица во установите за заштита на културното наследство вчера се огласија во јавноста тврдејќи дека предлог-законско решение е изработено без вклучување и консултирање на стручната јавност.
„Очигледно е дека се прави обид за целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и надлежните установи за заштита. Со предложените измени се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес. Да биде апсурдот поголем, ,ако реализацијата се соочи со потешкотии поради обврските кои настануваат за изведувачите на работите при наоѓање на археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење во текот на изведување на градежните работи’, господата пратеници измислиле ,решение’ кое е надвор од секакво здраворазумно однесување на совесни граѓани на оваа држава, уште помалку на пратеници. Тие отворено и без нималку свест и совест за културните вредности на државата, бараат да се занемари заштитата на културното наследство која како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата и нејзините граѓани и се остварува задолжително на територија на целата држава, без исклучок. Оттука не смеат да се дозволат било какви отстапки и законски процедури со кои остава простор за уништување на културно наследство, без разлика на инвеститорот и стратешкиот интерес“, пишува во реакцијата на МАД.

Гроб пронајден на некрополоата Требеништа, денес во поставката на Народниот музеј во Белград / Фото: Игор Ефтимовски
Тие го повикуваат пратеникот Адеми, како овластен предлагач, и останатите пратеници-предлагачи итно да го повлечат предложеното дополнување на Законот, а Владата да не дозволи да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство кое треба да го оставиме на идните генерации.
„Апелираме до пратениците во Собранието на РС Македонија да ги разбудат своите свест и совест, да го спречат донесувањето на криминални и штетни измени во Законот за заштита на културното наследство. За шверцерскиот обид со кој би се легализирало уништувањето на културното наследство, Македонското археолошко друштво ги извести сите политички фактори во државата, претставниците на дипломатскиот кор и меѓународните институции за заштита на културното наследство“, децидни се од МАД.





