Археолозите тврдат дека локалитетот стар 6.000 години не е сосема истражен, од Заводот и музеј од Штип објаснуваат дека инвеститорот ги има сите дозволи
На археолошкиот локалитет „Св. Атанасиј“ кај кочанското село Спанчево приватна фирма поставува фотоволтаици. Археолозите што го истражувале енеолитскиот локалитет од 4.000 година пред новата ера тврдат дека тој не е сосема истражен и му се нарушува интегритетот. Од надлежниот Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип објаснуваат дека инвеститорот ги има сите дозволи и дека засега немаат основа да ги прекинат градежните активности.
Во редакцијата на Умно.мк пристигнаа фотографии од расфрлана керамика, разорано земјиште на локалитетот во Општина Чешиново-Облешево каде археолози од Скопје и од Кочани во неколку наврати вршеа археолошки истражувања на светилиштето близу околната црква. Една од раководителките на ископувањето, Ирена Колиштркоска-Настева, кустос-советник во Археолошкиот музеј во Скопје од неодамна во пензија вели дека доволно е да се погледнат музејските витрини за да се сфати колку е важен овој локалитет.
– Датиран е во енеолит, 4.000 години пред новата ера, светилиште кое коинцидира со населбата во Бурилчево. Истражени се само сегменти, целиот локалитет не е истражен. Културните слоеви се многу плитко во земјата и лесно се доаѓа до здравица, до карпестата подлога каде веќе нема културни слоеви. И порано се обидувале да експлоатираат глина на локалитетот, ама кога реагиравме, прекинаа – објаснува таа.
Археолозите пронаоѓале жртвеници, фигуринки, рогови, море од животински коски. Жителите на оваа населба дарувале месо за силите во кои верувале. Фигуринките ги преполовувале. Локалитетот е влезен во Археолошката карта на Македонија. Напишани се многу трудови за овој локалитет и тие се презентирани на научни симпозиуми.
Според Колиштркоска-Настева, најстрашно е што институциите молчат – има закон, кој не се почитува.
– Законот предвидува интервентни заштитни ископувања. Нека се спроведат, нека се документира целиот локалитет, па нека се гради. Јасно ми е дека дека и овој живот треба да се живее, но не треба минатото да го фрлиме во бездна. Треба само да се почитува законот – ако сака да гради, инвеститорот прво мора да обезбеди археолошки ископувања – вели Колиштркоска-Настева.
Таа додава дека според принципите на работа, ниту еден локалитет не е целосно истражен.
– Науката вели дека треба нешто да се остави и за другите генерации, технологијата напредува, тие ќе работат со неинвазивни методи. Зошто мора ние да бидеме последни?! И зошто морало токму на оваа локација да се гради – децидна е таа.
Митко Штерјов, директор на Заводот и музеј од Штип вели дека нивни екипи во петокот направиле увид во состојбата, по дојавата дека на локалитетот се вршат градежни активности.
Митко Штерјов
– Инвеститорот ги има сите дозволи, од Управата за заштита на културното наследство, од Министерството за транспорт и врски. Земјиштето во 2013 година било трансформирано како градежно земјиште и продадено. Да, на терен имаше расфрлана керамика, но такви површински наоди има во цело Кочанско. Ние имаме законско право да ги прекинеме активностите ако увидот покаже дека се навлезени во археолошка зона, но такво нешто не најдовме – вели Штерјов.
На прашањето зошто тогаш археолозите тврдат дека локалитетот не е целосно истражен и дека со активностите се прави огромна штета, Штерјов, кој и самиот е доктор по археолошки науки вели:
– Според Законот, да имало ревалоризација на локалитетит и документ дека контактната зона е поширока, ќе било невозможно да се направи трансформација на земјиштето ниту да биде предмет на продажба – вели тој.
Штерјов го поздравува ангажманот на граѓаните да пријавуваат вакви активности, особено што располагаат со малку луѓе, а има многу локалитети.