Лабораторија за археометрија доби Институтот за старословенска култура

Лабораторија за археометрија доби Институтот за старословенска култура од Прилеп. Таа ќе овозможи попрецизно мерење на архелошките наоди, растителниот и животинскиот свет на овие простори низ епохите. Лабараторијата е ретка во регионот, ги достигнува европските стандарди и догодина ќе биде акредитирана за да може и формално да работи во меѓународни рамки. Со лабораторијата ќе раководи археологот д-р Христијан Талевски, научен соработник во Институтот.

Тој објаснуав дека археометрија е примена на научни методи и технологија специфични за другите науки при археолошките истражувања. Поради тоа постапка за акредитација е значаен чекор за македонската археологија.

– Нема многу вакви лаборатории во регионот. Министерството за образование и наука ја поддржа акредитацијата на Лабораторија за археометрија во рамките на програмата за финансирање на научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година (поддршка за развој на лабораториски ресурси) – вели Талевски.

Д-р Христијан Талевски

Примената на археометријата значително го стеснува просторот за субјективна интерпретација на материјалните остатоци од човечкото минато. Преку примена на егзактни методи специфични и применувани во научните истражувања се добиваат аргументи за соодветна интерпретација на материјалните остатоци. Според Талевски, еден од основните принципи врз кој ќе се темели работата на лабораторијата е сите да имаат пристап до анализите, особено научниците од земајава и странство.

– Приоритет е создавање интернет ориентиран компјутерски систем за евидентирање на резултатите од археолошките истражувања. Целта е поголем број истражувачи од земјава и од странство да имаат пристап до релевантните податоци од нашите истражувања преку строго дефинирани процедури и протоколи. Овие податоци ќе бидат достапни и за државните институции и ќе бидат релевантни во процесот на носење на стратегии од суштинско значење за развојот на државата. Факт е дека апликативната примена на знаењата до кои се доаѓа преку археолошките истражувања е апсолутно занемарен фактор. Луѓето и заедниците во минатото биле исправени пред огромен број предизвици, а значителен дел се идентични со предизвиците пред кои е исправено современото општество – вели Талевски.

Сподели