Новинарот Тони Цифровски од Македонско радио освои прво место на конкурсот „Јазикот нашето културно богатство“, што го организира Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Пишува: Тони Цифровски

Во што се носи на човека душа? Во која дума е скриен завет? В гради еден ли сон се има? Во ковчеже древно спокој ли блика? Внатре над срце со печат вжарен, еден ли спомен везови ткае? Во нечија совест, копнеж некој, дал’ светол е ил’ стрвен? Виде ли со уста, слушна ли со поглед… ил’ остана само нем пред Зборот?

Еднолична низа бисери редиш… една ли песна за Родот знаеш… Еден е Денот кога се роди, а една сенка низ животот носиш… Еднаш, дал’ памтиш, сони на јаве: птичка на рамо песна Ти срони. Ех, дал’ славеј беше, ил’ пиле окрилено среќно? Есен беше, тоа знам, а преселна птица донесе знак…

Заклучен како во полноќна црква ликој да барам цел еден век… Зар’ жалосен Хектор не ќе е она ил’ Твојата става се наѕира в миг? Зошто на ливада цвеќе без лисја расте под дабот древен? Зазор од моиве очи на заматен пејзаж на зографи скромни, на мајстори кротки од Гари… Злато ли има на опковот скован околу тоа што треба на Тебе да личи?

Икона една мудроста ја крие, зад избледени бои и светлина силна. И под неа се молев и одговор барав, а останав само во бескрајот да горам. Игриво тогаш кученце влезе, а по него дете. И потече смеа во браздичка бистра и одеднаш мирот на извор се врати. И останав долго, долго во занес по нив, сакајќи барем еднаш спокојството на лавот да го сетам.

Лесно ко пердув од Фениксов чекор, побрзав потем по беспаќа мрачни. Ликот Т(в)ој беше насока што даде, од Зборот гласен – правецот е јасен. Липав ко дете пред сон да сони и знаев дека веќе утре ништо нема да ме гони.

КОНЕСКИ не’ води до бранови гласни „што еднаш ќе се родат, ќе заплачат и ќе те понесат“. Каде е Тој сега Зборот да го слушне? Каде е кроток со поглед да вресне? Костен од жарот на гневот да крене. Каде е сега и кога ќе сети? Кому ги дари стиховите свети и кому остави завет за веки?  Како и што, думам, било, та сивило се свило и споменот го скрило?

А одговор има и само е еден: веќе денес е новото утре! Ако по крв и верба за род знаеш, тогаш и за заветот на Блаже думаш – од ковчежето на Зборот Негов само спокој блика: Јазикот наш, македонски, се носи во душа.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.