Претставата „Торонто експрес“ работена по мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ од авторот Зоран Спасов-Ѕоф, во режија на Јордан Симонов, својата праизведба ќе ја доживее на 15 декември во 20 часот. Главната улога ја толкува Александар Микиќ. Претходно, на 7 декември ќе биде организирана промоцијата на книгата „Торонто експрес“/„Тибам Штркот – апдејт“, што ќе се одржи книжарницата „Литература“ во „Ист Гејт Мол“ во 20 часот, а читателите со секоја купена книга добиваат ваучер/билет, кој ќе можат да го искористат во месеците што следат.
Претставата „Торонто експрес“ е работена според „Тибам Штркот“, еден од најчитаните текстови во 2008 година и како што вели авторот, ова дело е обид да се види Канада со македонски очи, но и да се доживее со космополитска душа, да се доловат измешаните чувства на љубов, среќа, тага, радост, носталгија…
Ракописот е пишуван на скопски сленг, во лајт варијанта — дијалект што сè помалку се зборува, полека изумира и го снемува од скопските улици.
На адаптацијата на текстот работеа: Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов. Извршен продуцент е Виктор Рубен, сценографијата – на Мартин Манев и костимографија е на Роза Трајческа-Ристевска.
Следните изведби се закажани на 16 и 20 декември.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.