Концерт на „Баланеску квартет“ – еден од најпрогресивните музички состави

Светот повторно се соочува со криза, тука е пандемијата, но и војната меѓу Русија и Украина. Мислам дека токму преку музиката и љубовта можеме да ги вратиме изгубените човечки вредности и само на тој начин можеме да најдеме сила да продолжиме понатаму – вели Баланеску

Иновативен, прогресивен, „Баланеску квартет“ е состав кој засекогаш ги смени параметрите по кои претходно функционираа класичните гудачки квартети, создавајќи препознатлив стил и нова музичка естетика. Еден од најпрогресивните музички состави на светската сцена вечерва во 20 часот ќе настапи во Скопје по 17 години, на сцената на Филхармонијата.

Концертот на „Баланеску кварет“ претставува огромна чест и задоволство, посебно поради фактот што од отворањето на салата не сме имале настап на ваков исклучително познат и важен музички состав кој фигурира како еден од најпрогресивните на светската музика сцена, истакна Тина Иванова, директорка на Филхармонијата. Таа потсети на нивниот незаборавен прв концерт.

„Збор, два за музиката“ е именувана серијјата разговори, што ќе претставува нова практика која Филхармонија ќе ја реализира во текот на годинава, преку разговори со солисти, композитори и диригенти кои ќе настапуваат на концертнат сцена.

Фронтменот на квартетот, виолинистот Александар Баланеску, истакна дека едвај чека да настапи вечерва и дека емотивно е врзан со македонската публика, која ја опиша како топла и непосредна.

-Последниот концерт во Скопје беше многу одамна, но сè уште живо се сеќавам на него, тоа беше еден од најпосебните настапи кои воопшто сме ги имале на светската музичка сцена. Не беше лесно да се организира повторна средба со македонската публика, поради пандемијата еднаш го откажавме концертот, но, успеавме,  и еве, сега сме тука, што претставува своевидна победа за мене – вели Баланеску.

На концертот ќе свират фрагменти од еден од нивните најпознати и најпродавани албуми „Luminitza“, чиј наслов симболично сугерира на светлината која секогаш се гледа на крајот од тунелот, како парафраза на индивидуалниот импулс на Александар Баланеску, но и генерално како синтагма на своевиден позитивизам.

– Овој албум го напишав кога се вратив повторно во Романија, по 22 години пауза. Со моето семејството заминавме во времето на режимот на Чаушеску и немавме можност да ја посетиме нашата татковина повеќе од две децении. Кога се вратив во Романија, многу емотивно го доживеав тоа, повторно се поврзав со семејството, станав свесен за политичката промена која повторно ја врати надежта за иднината. Во моментов светот повторно се соочува со криза, тука е пандемијата, но и војната меѓу Русија и Украина. Мислам дека токму преку музиката и љубовта можеме да ги вратиме изгубените човечки вредности и само на тој начин можеме да најдеме сила да продолжиме понатаму – вели Баланеску.

Инспирација за создавањето на неговата музика се романскиот фоклор, но и традициите на другите земји во Европа.

– Фолклорот е вечна инспирација за мене, зашто во него се сублимирани основните работи кои им се важни на луѓето, тој претставува комбинација на радоста и страдањето. Го познавам добро и вашиот фоклор и честопати бил инспирација за создавање на мојата музика – вели Баланеску.

Од неговото формирање во 1987 година, „Баланеску квартет“ ужива репутација на еден од водечките состави за современа музика во светот. Негова движечка сила е романскиот виолинист и композитор Александар Баланеску, кој бестрашно го води квартетот надвор од музичките граници во непознати територии. Оваа потрага по вечно поместување на границите, „Баланеску квартет“ го приближува повеќе до бенд, отколку до класична гудачка формација и го рефлектира пасионираниот став на Баланеску за интеркомуникација и флуидност меѓу различните музички сфери.

Соработувале со композитори како Мајкл Најмен и Гевин Брајерс, со „Лонџ Лизард“ на Џон Лури, Орнет Колмен, Дејвид Брн, „Пет шоп бојс“… Нивните проекти се инспирирале од традиционалната романска музика, од музиката на „Крафтверк“… Концертите на „Баланеску квартет“ се препознатливи по својата енергичност и динамичност, свиреле на контрастни сцени како њујоршката „Knitting Factory“, лондонскиот „Roundhouse“ до Линколн центарот и стадионот „Вембли“…

Постојано трагаат по различни начини на презентација на нивната музика во нов контекст. Меѓу албумите со нивна авторска музика се издвојуваат „Possessed“, „Luminitza“ (инспириран од промените во источна Европа во 1989), „Angels and Insects“ (музика од истоимениот филм), „Maria T“ (омаж на познатата романска пејачка Марија Танасе), „This is the Balanescu Quartet“, „East meets East“…

Квартетот потпиша и договор со издавачката куќа „Universal“ за трибјут албум, посветен на големиот романски композитор и виолинист Џорџе Енеску.

Сподели