Со уметност во борба против колапсот на биодиверзитетот

Изложбата „Розови тигри и златни гуштери и сè друго“ од вчера е отворена во Резиденцијата на ЕУ во Скопје (ул. Ацо Караманов 22). Таа е дел од кампањата за Зелениот договор што Делегацијата на ЕУ ја започна во ноември минатата година, повикувајќи на силна политичка посветеност и итна акција на сите нивоа во справувањето со климатските промени.

Главната тема на изложбата е да се спречи колапсот на биодиверзитетот, што е меѓу основните цели на Европскиот зелен договор. Уметниците, избрани од скопската галерија „Акантус“, имаа можност да ги изразат своите грижи поврзани со животната средина, а инспирирани од Европскиот зелен договор.

Вана Урошевиќ, Зоран Тодовиќ, Велимир Жерновски, Маја Кировска, Ненад Тонкин и Озбек Ајваз, изработија уникатни уметнички дела кои ќе послужат како мотив за размислување при интерактивните дебати што Делегацијата на ЕУ ќе ги организира во следните три месеци. Работилниците ќе бидат место за дискусија за најрелевантните прашања поврзани со Зелениот договор во Северна Македонија, како и за можните решенија. Ќе вклучуваат деца, студенти, претставници на граѓанското општество, властите и академските кругови.

На отворањето на изложбата се обратија Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски и шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 20 мај. Резервација на време за посета и бесплатни билети може да се добијат преку фејсбук-страницата „ЕУ за Култура“.

Сподели