„Арс Ламина“ го реобјавува целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова

Во чест на 86. роденден (11 март 1936) на една од најплодните и најнаградувани македонски писателки Оливера Николова, издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, денеска го најавува нивниот проект во кој ќе биде реобјавено нејзиното целокупно творештво за возрасни. Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“ и треба да излезат од печат до крајот на месецов, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Уредник на изданието е Оливера Ќорвезироска.

Станува збор за 12 наслови, спакувани во 10 тома: „Куклите на Росица“ (со поговор од Елизабета Баковска), „Тесна врата“ (поговор Кица Колбе), „Куќичка“ (поговор Румена Бужаровска), „Тромбот“ (поговор Владимир Мартиновски), „Адамовото ребро“ (поговор Калина Малеска), „Збогум Вано, Ванке…“ (поговор Јелена Лужина), „Пешаци по црни полиња“ (поговор Гоце Смилевски), „Белиот чад“ (поговор Никола Гелевски), како и „Вежби за Ибн Пајко“ (поговор Катица Ќулавкова) во исто издание со „Песот со тажен поглед“ (поговор Давор Стојановски) и „Лева комора“ (поговор Владимир Јанковски ) во исто издание со „Кадифената покривка“ (поговор Оливера Ќорвезироска).

Овие дела, кои се и своевиден подарок за идните поколенија, ќе бидат претставени пред јавноста на свечен настан, најавува „Арс Ламина“.