Климе Коробар: Нирнберг многу го задолжи Скопје, а ние се обидовме да возвратиме преку уметноста

Двата града годинава одбележуваат 40 години од збратимувањето – во овие четири децении се случиле многу соработки, на секое поле

Многу изложби, размена на уметници и културна соработка, но и хуманитарни акции, донации, институционална соработка во различни сфери паметат Скопје и Нирнберг. Двата града годинава одбележуваат 40 години од збратимувањето. Во овие четири децении се случиле многу соработки. Климе Коробар, историчар на уметност и долгогодишен директор на Музејот на град Скопје се сеќава на овие настани со забележлива носталгија во очите, во гласот.

– Кога се зборува за Нирнберг, таа културна соработка навистина беше на едно високо ниво. Музејот на град Скопје беше вклучен, но организацијата одеше повеќе преку Град Скопје – раскажува Коробар.

Нирнберг / Извор: Википедија, Фото: Манфред Браун

Во 1982 година кога била востановена соработката Коробар сè уште работел во Музејот на Македонија.
– Но и тогаш работевме со Нирнберг. Во 1988 година дојдов во Музејот на град Скопје и таа соработка продолжи многу добро. Морам да кажам, благодарение на двајца луѓе – Вернер Трини од Нирнберг, кој со големо срце му беше наклонет на Скопје и Билјана Биновска од Град Скопје, задолжена за соработката од одделот за меѓународна дејност. Соработката не одеше само на културен, туку и на социјален план. Секоја нова година камиони носеа храна за социјално загрозените семејства. Беа донирани кревети за болници, апарати за дијализа, пожарните служби соработуваа, Црвениот крст од Скопје и од Нирнберг. Ние соработувавме на културен план – раскажува Коробар.

Кон крајот на деведесетите години организирале ликовна колонија на планината Китка со скопски и нирнбершки уметници. Од ова дружење се изродиле многу пријателства меѓу уметниците. Идејата била колонијата да продолжи и да стане традиционлана, но следните години се случија немилите настани во Македонија.

Коробар издвојува една од многуте изложби во Нирнберг во рамките на збратимените градови. Со колегата Емил Алексиев, историчар на уметност од Музејот на град Скопје во „Кунстхаус“ во Нирнберг направиле изложба на тема „Ветена земја“, околу 2002 година. Изложбата се однесувала на едно библиско племе кое го моли Господа да му даде територија и да направи своја држава. На крај тие добиваат територија, но почнува борбата меѓу племињата за превласт во државата што ја прават, ја доведуваат до прашање и Господ да им ја одземе земјата. И тогаш се помируваат на некој начин.

Климе Коробар

– Изложбата беше многу интересна. Во „Кунстхаус“ има четири простории, и ние отидовме со четворица уметници – Жанета Вангели, Исмет Рамиќевиќ, Јован Шумковски и Јован Балов. Поставката беше рефлексија на ситуацијата што се случуваше. Жанета Вангели го изложи својот проект со оружјето кое во тоа време „се сечеше“ во „Железара“. Исмет Рамиќевиќ се претстави со килимите од весници што ги прави, прашање што ги симболизра пропагандите што се случуваат преку весниците, Шумковски со инсталацијата рефлексии, епоксидни смоли наредени во круг, а Јован Балов направи интересна поставка со географски карти кадешто се менуваат топонимите – како кој ја печател картата ги менувал топонимите на местата. Изложбата побуди многу голем интерес, имавме две прес-конференции во Нирнберг. За жал, кај нас помина некако незабележано, како и многу други нешта што поминуваат. За нашата држава оваа тема е сè уште актуелна – вели Коробар.

Музеј на град Скопје / Фото: Град Скопје

Преку соработката со Нирнберг се случиле низа изложби. Пред сè станувало збор за размена на култури.
– Нирнберг е навистина една друга култура која води сметка за своето културно богатство и минато. Нирнберг е целосно разрушен во Втората светска војна и повторно е изграден според некои стандарди што треба да ги имаат градовите кои имаат своја историја. Тоа е за пример и треба да и ние да го научиме од Нирнберг. Во однос на ликовната уметност, мислам дека ние имаме многу појаки сликари од Нирнберг. Византија е тука, има длабоки корени нашата ликовна уметност. И беше провокација нивното творештво да се изложи во една друга културна средина. Најчесто користевме два простора во Нирнберг, во Старата градска куќа и уште еден на службата на меѓународни односи, нов објект со сопствени сали. Сме гледале секогаш тоа да биде афирмативно за Македонија – раскажува Коробар.

Во однос на реципроцитетот, дел од таа европска култура дошла и кај нас, во нашите изложбени сали. Во Музејот на град Скопје имало групна изложба на нирнбершки уметници, па покрај делата имало и ликовно изработени макети, визии за одредени простори од ликовните уметници. За публиката било многу интересно да ги видат нивните погледи на нештата. Имало и размена на фотографи – како фотограф од Македонија го доживува Нирнберг, и погледот на Скопје низ објективот на фотограф од Нирнберг.

Дело од Решат Амети

– Владо Арсовски имаше голема, многу интересна изложба – „Боите на Македонија“, Жарко Башески ги претстави своите хиперреалистични фигури, Димитар Малиданов изложи цртежи, Решат Амети своите слики, Мариа Павловска… продефилираа многу уметници. Бидејќи Нирнебраг на некој начин го задолжи Скопје, ние сакавме да возвратиме преку уметноста. Мирослав Масин сликаше на отворено една голема слика која ја дадовме на продажба, а парите беа донирани за деца без родители во Нирнберг… Се обидувавме да возвратиме на секој начин. Томе Серафимовски направи скулптура на Мајка Тереза, многу плодна беше таа соработка, не само со Нирнберг, со Дрезден, Брадфорд… – завршува Коробар.

Сподели