Под мотото „Заедно гледаме кон светла иднина“ во Данска се одржа финалето и завршниот настан на Глобалниот бизнис куп. Нашите национални финалисти, Best Online Assistant, се претставија со нивната платформа за професионален развој на лица со физичка попреченост. Платформата нуди едукација во областа на совладување дигитални вештини, која потоа преку B2B и B2C бизнис моделите нуди можности за работа од далечина, фриленс и работа со полно работно време.
Организатори на националниот натпревар во нашата земја се „СмартАп – Лабораторија за социјални иновации“ во соработка со УМПАКИ – Унијата на македонски асоцијации во креативните индустрии. Тие втора година по ред се организатори на овој натпревар.
– Од исклучително значење е потенцијалот кој го поседуваат креативните индустрии кој може да се стави во функција на економскиот раст и развој. Преку ваквиот тип на настани секоја година се запознаваме со нови бизнис идеи, иновативни пристапи кон испорака на услуги или пак производство на производи. Особено значајно за нас е тоа што можеме да им овозможиме нивно претставување на глобално, но и на национално ниво – вели Софија Богева, специјалист за иновации и една од основачите на „СмартАп“.





