Со пари од Центарот за развој на Источно-планскиот регион, Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој ќе биде осветлен античкиот град Баргала кај Штип. Реализацијата на проектот треба да почне наесен, соопшти директорот на штипскиот Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј, Митко Штерјов.
Доцноантичкиот град Баргала е околу 15 километри оддалечен од Штип. Се наоѓа близу селото Козјак, општина Карбинци. Зафаќа површина од 5 хектари. Градот живеел од 4 до 6 век. Го изградиле Римјаните како воен логор, а потоа прераснал во цивилна населба и ранохристијански епископски центар во регионот на средниот тек на реката Брегалница. Во првата деценија од 7 век градот бил разурнат при аварословенските освојувања. Во раниот среден 9 век таму постоела и ранословенска населба. Веднаш до градските ѕидини се наоѓа црквата „Св. Ѓорѓи“ од 9 век.
На почетокот на овој милениум на Баргала се вршеа систематски археолошки ископувања и конзервација. Дел од градскиот бедем и главната порта се целосно конзервирани. Баргала е еден од позначајните доцноантички градови во Македонија чие име етимолошки се врзува за реката Брегалница. Истражувањата на локалитетот првпат почнале во 1966 година, под раководство на академик д-р Блага Алексова. Во седумдесеттите години на локалитетот работела југословенско-американска екипа. Тогаш била откриена епископската базилика.
Насловна фотографија: Тоше Огњанов





