Катарина Пренда: Книги, производи, реклами… сè произлегува од креативниот ум на некој дизајнер

Со уживање го работам секој проект кој бара од мене да комбинирам медиуми, особено кога секој дел одлично ја одигрува својата улога, вели Пренда

Илустрација во анимација е проектот на Катарина Пренда, една од големите надежи во графичкиот дизајн во Македонија, со кој вечерва ќе учествува на 13. издание на „БОШ фестивал“ во Гевгелија. Таа ќе се претстави со седум илустрации создавани подолг период. Годинава „БОШ фестивал“ ќе се реализира целосно онлајн, преку фејсбук-страницата, јутјуб-каналот и преку интернет-страницата на фестивалот. Катарина Пренда е дипломиран графички дизајнер. Родена е во Гевгелија каде завршува средно образование. Во 2012 година дипломира на Факултет за арт и дизајн при Европски универзитет во Скопје. Својата професионална кариера како графички дизајнер ја започнува во 2009 година. Нејзиното професионално искуство опфаќа работа во маркетинг агенција, издавачка куќа, како и пионерски проект за деца („Светот на Биби“), кој се стекна со голема популарност, а дел од дизајните на кои работела се пробиле надвор од границите и се издадени во странство.

Вечерва се отвора Ваша изложба на „БОШ фестивал“ во Гевгелија. Со што ќе се претставите?

– На „БОШ” учествувам прв пат, па сакав да се претставам со илустрации кои ќе бидат огледало на моите размислувања, карактер и лична естетика. Иако првично беше планирана класична изложба, ситуацијата ни постави предизвик, па форматот се смени од илустрација во анимација.

Во кој период се создавани делата? Како ја правевте селекцијата?

– Илустрациите се правени во текот на неколку години. Овој тип на израз си бара и одредено расположение кое најчесто доаѓа ненајавено, па затоа зад овие седум дела стојат уште неколку десетици скици и студии. Илустрациите во видеото се тие што стигнаа во финалната фаза. 😊

По вокација сте графички дизајнер, сепак имате авторски интерес и во други медиуми, фотографија на пример. Каде најмногу се наоѓате себеси?

– Фотографијата ми е симпатија за озбилно 😄 Со уживање го работам секој проект кој бара од мене да комбинирам медиуми, особено кога секој дел одлично ја одигрува својата улога. Во различни периоди од мојата кариера доминирал еден или друг израз што е перфектно за зависник од визуелизација на чувства.

Колку графичката уметност има примена во секојдневието? Може ли да се каже дека со илустрацијата се најексплоатирани и најисплатливи од сите останати ликовни правци?

– Како професии, графичкиот дизајн и илустрирањето се многу популарни. Скоро сè што гледаме околу нас – производи, книги, реклами, апликации, веб сајтови, логоа… произлегува од креативниот ум на некој дизајнер. Не би можела да направам споредба во однос на другите уметнички правци, но на крајот на денот, мислам дека сè зависи од тоа каков квалитет ќе понудите и колку сте спремни да вложите во вашето лично усовршување.

Катарина Пренда

Колку институциите во Македонија нудат можност за промоција на творештвото на младите уметници?

– Благодарение на независните и алтернативни креативни здуженија и фестивали, младите можат да ја запознаат широката јавност со нивното творештво и пасија. Ова за жал не е чест случај со институциите низ чии ходници се заглавени многу квалитетни проекти.

Сподели