„Сестри“ во режија на Дина Дума ќе го отвори фестивалот „Браќа Манаки“

Играниот филм „Сестри“ во режија на Дина Дума на 16 септември ќе го отвори 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Кинематографер е Наум Доксевски, а првиот долгометражен филм на Дума ќе биде во официјална селекциjа на Компетиција „Камера 300“.

Филмот „Сестри“ имаше светска премиера на фестивалот од А-категорија во Карлови Вари, од каде екипата се врати со специјална награда од жирито во програмата „Источно од Западот“.
Улогите во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент е Марија Димитрова, сценариото е на Дина Дума и Мартин Иванов, кој е и монтажер на филмот.
„Сестри“ е поддржан од македонската Агенција за филм и е регионална копродукција заедно со Црна Гора и Косово.
Фестивалот „Браќа Манаки“ ќе трае до 21 септември, со физичко присуство и запазување на здравствените протоколи.

Сподели