Изложба на дела од 16. Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Во Домот на култура „Бранд Петрушев“ во Богданци вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена завршната изложба на Меѓународната графичка работилница „Софија“. Ќе бидат изложени дела од талентирани млади графичари од факултетите и академиите од Скопје, Загреб, Нови Сад, Ниш, Сараево и од Софија кои во изминатоте 10 дена создаваа дела во рамките на 16. Графичка работилница „Софија“ во Богданци. Ментор на работилницата беше професорката Мирјана Водипија од Академијата за ликовна уметност во Загреб.

Авторите работеа во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат, пропустен печат. Меѓународна графичка работилница е единствена од ваков тип во регионот, бидејќи на едно место ги собира студентите од завршните години на додипломски и постдипломски студии на факултетите и академиите за ликовни уметности од Балканот и пошироко. Според Виктор Семенпеев, претседател на Здружението графичка работилница „Софија“ Богданци, графичката работилница веќе 16 години е место за средба на најталентираните млади графичари, точка на размена на искуства и идеи, средиште за творештво на многу уметници.

Графичката работилница „Софија“ е меѓународен центар во кој се следат современите тенденции во регионалната, но и европската графичка уметност. На неа досега учествувале повеќе од 200 уметници, поседува фонд од околу 600 дела, а отворена е во текот на целата година.

Сподели