„Чудна шума“ организира конференција за европски издавачи во Охрид

Kонференција на европски издавачи обединети во проектот „Млади европски приказни“ ќе организира издавачот „Чудна шума“ од Скопје, од денеска до 28 август во Охрид. Мотото на конференцијата е „Кажи ДА за добра книга“ (кое е мото и на целиот проект „Млади европски приказни“), а учесници, покрај „Чудна шума“, се партнерите-издавачи од проектот: „Мителдојчер ферлаг“ од Германија, „Ибис графика“ од Хрватска, „Одисеја“ од Србија, издавачката куќа „Гаврош“ од Македонија, како и агентот за литературни преводи од Литванија – Бенас Берантас.

Издавачите ќе споделат искуства од својата работа и предизвиците со кои се соочуваат помалите, квалитетни и некомерцијални издавачи во Европа и пошироко, како и потребата за вмрежување, заедничка соработка и можностите за проширување на соработката во иднина. Посебен акцент на конференцијата ќе се стави на можностите за превод на квалитетни дела од помали јазици на поголемите книжевни пазари, како Германија, Италија, Франција, Шпанија, Велика Британија…

-Ова е веројатно прв проект за превод и циркулација на европски дела во македонското издаваштво каде гледаме вмрежување на повеќе издавачи, не само од регионот, туку и од Европа и каде носителот на проектот е македонски издавач. Горди сме што успеавме да се соединиме, да оствариме соработка со овие одлични издавачи и што правиме и идни планови и продолжуваме со соработката. Веќе имаме и втор заеднички проект на повидок, проект кој ќе биде и поширок и пообемен од овој и ќе започне следната година. Сево ова, секако, немаше да биде можно без поддршката што ја добиваме од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, но и безрезервната поддршка и помош што ни ја пружија поискусните партнери во проектот и без нив, верувам, немаше да бидеме толку успешни – вели Билјана С. Црвенковска, главна уредничка на „Чудна шума“.

„Млади европски приказни“ (Young European Stories) е тригодишен проект за превод, објавување и промоција на европски книжевни дела за деца и млади.
Во рамки на проектот ќе бидат преведени и објавени 14 книжевни дела за млади читатели од различни возрасти, од деца од предучилишна возраст, па сѐ до тинејџери од 16 до 19 години. Книгите се преведуваат од холандски, унгарски, хрватски, германски, норвешки, шведски, словенечки, турски и романски на македонски, како и од македонски на хрватски и германски.

Книжевните преводи ги прават искусни и наградувани книжевни преведувачи: Дарко Спасов од словенечки, Ели Пујовска од холандски, Лидија Димковска од романски, Златко Панзов од унгарски, Родна Русковска од шведски, Калиопа Петрушевска од хрватски, Ксенија Чочкова од германски, Искра Бадева од норвешки и Васко Марковски од турски на македонски јазик, како и Корнелија Маркс од македонски на германски и Магдалена Кукиќ од македонски на хрватски јазик.

Сите книги кои ќе бидат преведени во рамки на проектот се дела за деца и млади што обработуваат значајни теми. Сликовниците, наменети за деца за предучилишна возраст, обработуваат теми како прифаќање на различностите и инклузивност, миграцијата, справување со траума и губиток, подигање на свесноста за грижата за животната средина и за климатските промени; слични теми обработуваат и романите за деца од предтинејџерска возраст, додека книгите за млади дополнително обработуваат и теми за родовата еднаквост, сексуалноста и проблемите со кои се соочуваат младите луѓе во современиот свет.

Досега, во рамки на проектот се објавени две книги – сликовницата „Каде е мојот дом“ на турската авторка и илустраторка Сезен Аксу Ташјурек – превод на Васко Марковски од турски на македонски јазик (издание на Чудна шума), која на најмладите читатели им ја посочува опасноста од климатските промени и како тие влијаат на околината и на животинскиот свет; и илустрираниот роман за деца на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Нита Муча „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ (“Stella Dark”) – превод од македонски на германски на Корнелија Маркс (издание на Мителдојчер ферлаг). Набргу се очекува и хрватското издание на книгата „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“.

-До крајот на 2025 ќе имаме многу креативни работилници, читања, промоции, фестивали, гостувања на автори, илустратори и преведувачи, трибини и дебати, конференции и дружења, активности за поттикнување на читачките навики, но пред сѐ – ќе имаме многу убави книги кои обработуваат значајни теми – преведени на повеќе јазици и достапни за младата читателска публика. Особено сме горди и на тоа дека годинава го организиравме фестивалот „Млади европски приказни“, млади креативци, кој е посветен на книжевноста за деца и на детската креативност – вели Црвенковска.

Сподели